Muhittin Sandıkçı
12 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
РИЗЕ (АА) - Капење во ледена вода популарно е во Финска, Русија, Норвешка, а во последно време се повеќе го привлекува вниманието и на храбрите пливачи и капачи во глечерското езеро Калпли (Tobacelazena) во турската област Ризе, јавува Anadolu Agency (AA).
Четвртото капење во зимскиот период во ледената вода на езерото сместено на надморска висина од 2.850 метри го привлече вниманието на околу 300 љубители на природата.

Сепак, само 12 најсмели и најхрабри одлучија да се искапат во ледените езерски води.
Кога учесниците дојдоа до езерото, беше потребно првенствено со моторна пила да се засече ледениот слој од неколку десетици сантиметри. На некои делови ледената површина од глечерското езеро изнесуваше и до 70 сантимери, што предизвика дефект на моторната пила.

По речиси еден час сечење на ледот со дебелина од 20 сантиметри во близина на брегот од езерото, површина од 6 квадратни метри беше подготвена за храбрите капачи.
Температурата на водата изнесуваше 1 степен, а прв се обиде Мехмет Кемал Ариџи, кој во езерото издржа 1,5 минути.

Некои од капачите за натпреварот се подготвуваа со „купка” од снег. Ниту еден од преостанатите 11 капачи не успеа да остане во водата подолго од 1 минута, со што Ариџи беше прогласен за победник.
Натпреварувачите по излегувањето од езерото се напија традиционален турски чај, по кој е позната оваа област во северниот дел на Турција.
Планинар и еден од капачите, Хасан Ондер рече дека оваа година имало голем одѕив на капачи во ледената вода.

„Сакаме да укажеме на разновидноста која го краси овој регион. Во лето и во зима организираме вакви активности, за да ги привлечеме турсистите. Несекојдневни луѓе прават несекојдневни нешта”, рече Ондер кој потсети дека реткост е капење во глечерски езера на таа надморска висина.
Победникот Ариџи изјави дека планината Качкар е многу вредна ризница.

„Оваа ризница и во зимскиот период нуди многу нешта. Тука сме да го покажеме тоа”, рече Ариџи.
Во ледената вода се капеше и Решат Хаџиахметоглу, кој изјави дека водата е студена, но дека воздухот надвор од езерото е многу постуден. И покрај сето тоа, рече дека уживале во дружењето, но и во капењето.