Murat Kaya,Başak Akbulut Yazar,Hüseyin Bağış
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Најмалку 14 полицајци и воени офицери осомничени за членство во терористичката организација ФЕТО се лишени од слобода во утринската операција што турската полиција ја започна по налог на Државното обвинителство, јавува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на Државното обвинителство во Истанбул издаде налог за приведување на 30 лица осомничени за членство во терористичката организација ФЕТО, а станува збор за службеници на турската полиција и Војска за кои е утврдено дека користеле „БајЛок“, апликација што терористичката група ја користеше за тајна комуникација.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, полицијата започна акција и приведе 13 осомничени во Истанбул и еден во Сакарја.
Четворица осомничени ја напуштиле Турција, а полицијата трага по преостанатите 12 осомничени лица.
ФЕТО е терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во САД, за кого Турција официјално бараше испорачување од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица. Во текот на обидот за државен удар во Турција животот го загубија 251, а беа повредени околу 2.200 лица.