Sertaç Bulur
27 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Дирекцијата за управување со вонредни ситуации на Турција (АФАД) соопшти дека источната турска област Елазиг, по петочниот разорен земјотрес, ја погодиле уште 948 дополнителни потреси на тлото, јавува Агенција Анадолија (АА).
Земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтер го погоди во петокот вечерта подрачјето на Елазиг и Малатја, а епицентарот е регистриран во округот Сивриџе.
Во земјотресот загинаа 41 лице, а спасувачките екипи од под урнатините спасија 45 лица.
Од вкупно 1.607 повредени, на домашно лекување се пуштени 1.516 лица.
Од АФАД утрово е соопштено дека досега во тоа турско подрачје се регистрирани дополнителни 948 потреси на тлото, од кои над 20 биле со јачина над 4 степени по Рихтер.
Сите надлежни служби се на терен во потрага по жртви од под урнатините, а подрачјето погодено до земјотресот во саботата го посети и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во Турција е започната кампања за помош на локалното население на Елазиг, во која веќе се собрани над 30,5 милиони турски лири.
Надлежните институции соопштија дека од последиците на земјотресот оштетени се 2.945 објекти, вклучувајќи и 87 кои се целосно срушени. Издаден е налог за итно рушење на 12 згради кои се сериозно оштетени во земјотресот и претставуваат ризик за локалното население.