Турција: Од должност разрешени девет судии и обвинители поради поврзаност со терористичка организација
Со истрагата при која се користени и изјави на сведоците покајници, како и содржините на комуникациите преку апликацијата „БајЛок“, утврдена е поврзаност на девет судии и обвинители со терористичката организација ФЕТО
АНКАРА (АА) - Советот на судии и обвинители на Турција (HSK) разреши од должност девет судии и обвинители поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, додека четири судии и обвинители се тргнати од позициите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според извештајот усвоен на денешната седница на Генералното собрание на Советот, со истрагата при која се користени и изјави на сведоците покајници, како и содржините на комуникациите преку апликацијата „БајЛок“, утврдена е поврзаност на девет судии и обвинители со терористичката организација ФЕТО и одлучено е да бидат разрешени од должност.
Освен тоа, одлучено е четири судии и обвинители, од кои е побарано да се изјаснат во контекстот на пронајдените докази, привремено да се оддалечат од службата.
Во тек се акциите на приведување на осомничените припадници на ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.