Gökhan Balcı
13 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
ЕДРЕНЕ
Ѓокхан Балџи - Реџеп Мирзан, поштар од градот Едрене во Турција, веќе 37 години одржува необично, но цврсто пријателство со лебед што не се разделува од него.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА), Мирзан раскажа дека сè започнало во дамнешната 1984 година кога Мирзан како поштар во селото во кое делел пошта пронашол лебед што бил повреден и му помогнал да закрепне, по што станале неразделни пријатели.

Лебедот, на кој му го дал името Гарип, тогаш го донел дома во Едрене за да му помогне да закрепне и оздрави.
Мирзан му посветил внимание на лебедот на кој му било скршено крилото, но птицата не сакала да го напушти поштарот откако закрепнала, иако можела да лета без проблеми.
Лебедот оттогаш престојува во дворот на овој поранешен поштар и не се разделува од својот пријател, со кој е заедно додека работи во бавчата, се одмора, а заедно одат и на вечерна прошетка.
Мирзан во разговор за АА раскажа дека неговата сопруга починала пред многу години и дека оттогаш многу време поминува со животните, кои многу ги сака.
Истакнува дека Гарип сепак е посебен, бидејќи никогаш не го напуштил, дури и во тешките моменти кога тоа место го погодија поплави.
„Додека работев како поштар го видов во селото. Беше повреден и го донесов дома“, раскажа овој љубител на животни.

Му помогнал на лебедот да закрепне така што повреденото крило му го заштитил со парчиња дрво и конец.
„Крилото и сега му е малку ниско, но цврсто. Доаѓа кога ќе го викнам. Имам 63 години. Можеби е повозрасен од мене. Тука е од 1984 година и никогаш не отишол од мене. Не отиде ниту кога беа поплавите. Порано беше многу енергичен, сега е стар. Ако почине, тука ќе му направам гроб, но се надевам дека заедно ќе живееме уште долго“, рече Мирзан.