Ahmet Furkan Mercan
29 Јануари 2020•Ажурирај: 30 Јануари 2020
АНКАРА (AA) – Властите на Република Турција како неприфатлива ја оценија одлуката на Врховниот суд на Белгија со која се спречува започнување на судскиот процес по претходно започнатата истрага против лицата поврзани со терористичката организација ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Функционерите на Федералното обвинителство на Белгија соопштија дека е одобрена одлуката со која се спречува да се пренесе на судот истрагата, што во 2010 година ја започна Обвинителството, против 36 физички и правни лица кои се поврзани со терористичката организација ПКК. Таа одлука е грубо кршење на правата“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Во соопштението се наведува дека е чудно што со таквата одлука, поддршка на терористичката организација ППК ѝ пружа Белгија, која се обидува на Турција да ѝ држи лекции за владеењето на правото.
Во соопштението, исто така се наведува дека белгискиот суд ја донел спорната одлука на принцип на сфаќање дека некој, кој убива луѓе во други земји, не претставува проблем сè додека не го прави тоа во нивниот двор.
„Таквото сфаќање е пример на дволичноста и таквото занемарување на глобалната терористичка закана дополнително ќе го подигне тероризмот“, се наведува во соопштението.
Понатаму се наведува дека одлуката содржи низа контрадикторности и дека станува збор повеќе за политичка отколку за правна одлука.
„Одлуката е во спротивност со правото на Европската Унија, чиј коосновач е и земјата домаќин, токму Белгија“, се наведува во соопштението.