Merve Gül Aydoğan Ağlarcı,Handan Kazancı
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ИСТАНБУЛ / АНКАРА
Турските официјални претставници денес изразија солидарност со Австрија по смртоносниот терористички напад што синоќа се случи во главниот град Виена, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тероризмот е заедничкиот непријател на целото човештво. Потребна е искрена меѓународна соработка против ова зло“, изјави на Твитер министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.
Во посебна изјава, Министерството за надворешни работи на земјата остро го осуди вчерашниот смртоносен терористички напад во главниот град на Австрија.
„Ние силно го осудуваме овој напад, изразуваме сочувство до семејствата на оние што ги загубија своите животи и им посакуваме брзо закрепнување на ранетите“, се вели во соопштението на Министерството.
„Како земја која со децении се бори против секаков вид тероризам, Турција се солидаризира со австрискиот народ“, се додава.
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, исто така го осуди нападот и изрази солидарност со Австрија.
„Најостро го осудуваме терористичкиот напад во Виена. Изразуваме сочувство за сите оние што го загубија својот живот во овој кукавички напад и им посакуваме побрзо закрепнување на повредените. Се солидаризираме со Австрија. Ќе продолжиме да се бориме против сите видови тероризам“, напиша Калин на Твитер.
Турскиот директор за комуникации, Фахретин Алтун, исто така го осуди нападот.
„Турција се солидаризира со Австрија и е против тероризмот. Ја споделуваме вашата болка“, напиша Алтун на Твитер.
Најмалку три лица загинаа, од кои еден полициски службеник и 15 се повредени во терористичкиот напад што синоќа се случи во Виена, потврдуваат властите.
Седум од повредените се во критична состојба.