Mehmet Sıddık Kaya,Aziz Aslan
24 Декември 2019•Ажурирај: 25 Декември 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Сè повеќе семејства се приклучуваат кон мирните протести пред седиштето на Народната демократска партија (HDP) во Дијарбакир, каде што мајките веќе 113 дена бараат да им се вратат децата кои се одведени во терористичките кампови, јавува Агенција Анадолија (AA).
Меѓу мајките кои со фотографии на синовите протестираат пред седиштето на ХДП е и Мевлуде Учдаг, која веќе пет години трага по својот син Рамазан.
„Одлучно ќе се борам сè додека мојот син не ми се врати. Зошто го прават тоа? Зошто на децата им даваат оружје во рацете, а не моливи, дали некој прашал некој од нас родителите за дозвола за носење на децата во планините?“, праша Учдаг.
Истакнувајќи дека ѝ недостасува нејзиниот син, неговиот мирис, глас и прегратка, Учдаг рече дека ниту еден родител не сака детето да му биде во терористички камп.
„Зошто децата со оружје би ги напаѓале нашата војска и полицијата? Оние што ги одземаат од нас нашите малолетни деца редовно добиваат плата од државата. Зар малолетно дете може да има волја да оди во планина?“, праша Учдаг и додаде дека се прашува дали нејзиниот син воопшто е жив.
Меѓу мајките кои ги бараат своите деца е и Хусније Каја, чија 14-годишна ќерка Мекије била киднапирана и однесена во терористички камп пред пет години.
Истакнувајќи дека ќе протестира сè додека ќерка и не се врати дома, Каја рече дека не ѝ пречат дождот и студот.
„Овде поминавме 112 дена и остануваме и понатаму. Сакам ХДП да ми ја врати ќерка ми затоа што знам дека тие ја однесоа. Се надевам дека ќерка ми ќе се врати и ќе ја прегрнам, ќе ја бакнам“, рече Каја.
Мајките од Дијарбакир од 3 септември протестираат пред седиштето на Народната демократска партија (HDP), која ја обвинуваат за врбување и регрутирање малолетни и млади лица во терористичките кампови на ПКК во југоисточна Турција.
Февзије Четинкаја тој 3 септември започна со мирен протест пред седиштето на ХДП, а со неа тогаш беа сопругот Шахап и нивните четири деца. Хатиџе Џејлан, мајката на Џафер, на протестите се приклучи на 8 септември. Истакна дека нејзиниот син е киднапиран пред четири години, кога имал 15 години. Кога тој чул дека и неговата мајка била на протестот, одлучил да избега од редовите на ПКК за да стигне до своето семејство.
Министерството за внатрешни работи на Турција на 26 ноември соопшти дека значителен број терористи ги напуштиле редовите на ПКК и се предале. Оваа година тоа го направиле речиси 300 припадници на терористичката организација.
На оние што ќе се предадат, државата им нуди многу можности, како што е правото на образование и слобода без страв и опресија. Тие не се злоупотребени, можат слободно да контактираат со своите семејства и пружена им е правна помош.
ПКК е сепаратистичка организација којашто се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 луѓе.
Партијата ХДП се товари за поврзаност со терористите на ПКК, а повеќе челници на таа партија се обвинети за ширење терористичка пропаганда и за помагање на терористите.