Murat Kaya
06 Август 2021•Ажурирај: 07 Август 2021
ИСТАНБУЛ
Во рамките на истрагата против структурите на терористичката организација ФЕТО во Воружените сили на Република Турција (ТСК) е издаден налог за приведување на 82 лица во 24 градови, меѓу кои е и Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата на Одделот за борба против тероризмот при Обвинителството во Истанбул, започнати се активности против осомничените, за кои, врз основа на признанието на членови на таа организација и други докази, е утврдено дека се поврзани со структурите на терористичката организација ФЕТО.
Издаден е налог за приведување на 82 лица во 24 градови, меѓу кои и Истанбул.
Меѓу осомничените се наоѓаат припадници на воздушните, поморските, копнените сили и жандармеријата, 36 питомци на затворените воени училишта и 7 цивили, кои, како што е наведено во сведочењата на покајниците, биле т.н. имами.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.