Erdoğan Çağatay Zontur
07 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ХАТАЈ (АА) - Турција и Русија ќе започнат со заеднички патроли во Идлиб, северозападна Сирија, на 15 март, во рамки на прекинот на огнот постигнат оваа недела, соопшти турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од 15 март ќе започнеме со заедничко патролирање долж [Автопатот] М4. Почнавме да работиме на принципите на воспоставување на безбедносниот коридор долж автопатот“, изјави Акар во јужната турска област Хатај, која граничи со Сирија.
Тој додаде дека руски воен комитет ќе ја посети Турција на почетокот од следната недела.
„Очекуваме постојан прекин на огнот, и обезбедување на средината за враќање на над 1 милион невини раселени лица, од кои 81 отсто се жени и деца“, рече тој.
Додаде дека од четвртокот, кога турските и руските претставници постигнаа нов договор во Москва, за Идлиб, не се пријавени никакви прекршувања на прекинот на огнот.
Предупредувајќи во однос на евентуални напади врз турските трупи во регионот, тој истакна: „Би сакале сите да знаат дека остро ќе се одмаздиме за каков било напад врз турските трупи или набљудувачки точки во Идлиб според нашето право за самоодбрана.“
Во четвртокот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин се договорија за нов прекин на огнот во Идлиб, кој стапи на сила од четвртокот на полноќ.
Според договорот, сите воени активности во Идлиб треба да завршат, и да се воспостави безбедносен коридор 6 километри на север и југ од клучниот Автопат М4.
Во рамките на договорот, треба да започнат заеднички турско-руски патроли на 15 март долж Автопатот М4, од населеното место Трумба, 2 километри западно од Саракиб, до населеното место Ајн ал Хавр.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ на 27 февруари, откако 36 турски војници загинаа минатиот месец во воздушен напад на режимот на Асад во сириската покраина Идлиб, и по континуирните прекршувања на претходните прекини на огнот. Според рамките на договорот од 2018 година со Русија, турските трупи се во Идлиб за да ги заштитат цивилите од нападите на режимот и неговите сојузници.