Erdoğan Çağatay Zontur
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Во Турција денес се воведени нови мерки, со цел спречување на ширењето на новиот тип коронавирус, според кои носењето заштитни маски е задолжително на сите јавни подрачја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Граѓаните, без исклучок, се должни да носат маски на сите подрачја, како што се јавни површини, авении, улици, паркови, градини, излетнички места, плажи, возила на јавниот градски превоз, работни места, фабрики... низ земјата“, се вели во наредбата на Министерството за внатрешни работи на Турција, што е пратено во вкупно 81 област.
Турските официјални претставници веќе долго време повикуваат на социјално дистанцирање, носење маски и одржување на личната хигиена за спречување на ширењето на вирусот, а сега е издадена наредба за територијата на целата земја.
Во Турција до денес се забележани вкупно 6.730 починати лица како последица на вирусот, додека над 252.000 лица оздравеа. Во земјата се потврдени речиси 281.500 заразени од Ковид-19.
Министерот за здравство, Фахретин Коџа, вчера извести дека има повеќе од 1.700 нови случаи на Ковид-19 и над 1.000 оздравени лица.