Tuğçenur Yılmaz
27 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Република Турција ја осуди последната одлука на Советот за општи работи на ЕУ и ставот на ЕУ го оцени за лицемерен и недоследен, јавува Anadolu Agency (АA).
Во пишана реакција на Министерството се наведува дека дел од одлуките кои се однесуваат на Турција, а кои на вчерашната седница ги усвои Советот за општи работи на ЕУ, уште еднаш покажале дека односот на ЕУ кон Турција е полн со предрасуди и е неадекватен.
Во соопштението, исто така, се наведува дека за Турција е апсолутно неприфатливо тоа што со последната одлука на Советот на ЕУ за продолжувањето на процесот на придружување на Турција сака да воведе нови бесмислени причинско-последични услови.
„Исто така е бесмислено да се условува и ревидирањето на Царинската унија кое ќе биде од корист и на Турција и ЕУ“, се наведува во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Советот за општи работи на ЕУ вчера ја пофали Турција поради згрижувањето на 3,5 милиони сириски бегалци, но ја критикуваше и ја повика Турција да ги отстрани недостатоците во владеењето на правото и во почитувањето на основните човекови права во оваа земја. Советот, исто така, ги осуди и за нелегални ги оцени турските активности во Егејското Море и на источниот дел на Медитеранот.
Во одлуката на Советот се наведува дека во овие околности, бидејќи процесот за преговорите за придружување на Турција на Унијата е во застој, на дневниот ред нема да има отворање нови поглавја во преговорите, ниту ревидирање на договорите за Царинската унија.