Jeyhun Aliyev
05 Ноември 2020•Ажурирај: 06 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) ќе се одржи утре во турскиот медитерански град Анталија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со состанокот ќе претседава Мевлут Чавушоглу, министерот за надворешни работи на Турција, кој во јули ја презеде улогата на едногодишен претседавач со тој регионален форум.
Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека на состанокот ќе се разговара за регионални теми, заедничките предизвици и начините за јакнење на регионалната соработка во екот на пандемијата на Ковид-19.
Во соопштението се наведува дека Чавушоглу во рамките на состанокот на ПСЈИЕ одделно ќе се состане со колегите од членките на тој форум, а ќе бидат одржани и трилатерални состаноци Турција - Босна и Херцеговина - Србија и Турција - Босна и Херцеговина - Хрватска.
Турција е земја која има силни политички, економски но и длабоки историски и културолошки врски со земјите на Балканот, а со ПСЈИЕ претседаваше и во 1998 и 2009 година.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е регионален форум кој во 1996 година е основан со цел јакнење на соработката меѓу земјите на Југоисточна Европа, а вбројува вкупно 13 членки.