Jeyhun Aliyev
27 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
АНКАРА (АА) - Турција денес остро ги осуди досега најнасилните интервенции против продемократските демонстранти во Мјанмар во кои владејачкиот воен режим ја покажа својата сила и тоа на Денот на вооружените сили, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Остро ја осудуваме оваа прекумерна употреба на сила кон цивилите во Мјанмар. Во оваа прилика, го повторуваме нашиот повик за прекин на ваквите дејствија против цивилното население без одложување, итно ослободување на сите избрани лидери, политички личности и цивили кои се приведени, и преземање на неопходни чекори за враќање во демократијата“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
Според јавувањата на медиумите, волонтерските групи и сведоците на убиствата, на денешните протести во Мјанмар застрелани се над 140 лица.
„Со загриженост следиме дека воениот режим во Мјанмар уште повеќе ја зголеми употребата на смртоносна сила против цивилите, игнорирајќи ги повиците на меѓународната заедница“, се додава во соопштението.
Министерството нагласува дека жали што најголемиот број цивилни жртви се случија на Денот на вооружените сили, како резултат на акциите преземени од безбедносните сили.
Воената хунта, во телевизиска порака синоќа, ги предупреди демонстрантите од ризикот да бидат застрелани во главата и грбот доколку продолжат со демонстрациите против пучот.
Демонстрантите, и покрај заканите на хунтата, денес излегоа на улиците во градовите низ целата земја, каде наидоа на насилните акции на безбедносните сили.
Протестите започнаа по 1 февруари кога војската ја собори и приведе демократски избраната лидерка на земјата Аунг Су Чи.