Турција

Турција го осуди и како неприфатлив го оцени претресот на бродот во Источниот Медитеран

„Целиот персонал на бродот е собран на едно место. Вооружените војници вршеа претрес на контејнерите на бродот. Тој акт е извршен без потребната согласност од нас како земја под чие знаме плови бродот...“

Şerife Çetin  | 23.11.2020 - Обновена : 24.11.2020
Турција го осуди и како неприфатлив го оцени претресот на бродот во Источниот Медитеран

АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција остро го осудија незаконското запирање и претресот на бродот што пренесуваше хуманитарна помош во Либија под турско знаме и го оценија како неприфатлив и пристрасен чин на операцијата „Ирини“, јавува Агенција Анадолија (AA).

Синоќа, германска фрегата под команда на грчката морнарица, спротивно на меѓународното право, запре и изврши претрес на комерцијален брод што пловеше под турско знаме во Источниот Медитеран.

„Операцијата Ирини ја спроведува Европската Унија (ЕУ), но целите и придобивките од таа операција се предмет на расправа“, изјави портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој.

Фрегатата „Хамбург“, без одобрение на земјата под чие знаме плови бродот, изврши упад на бродот „МВ Розелин А“ и изврши претрес на стоката што бродот ја пренесува од Истанбул до Мисрата.

Истакнувајќи дека капетанот и екипажот соработувале и ги давале сите податоци за рутата на пловидбата и за стоката што ја превезуваат, Аксој наведе дека вооружените војници упаднале на бродот и вршеле повеќечасовен претрес.

„Целиот персонал на бродот е собран на едно место. Вооружените војници вршеа претрес на контејнерите на бродот. Тој акт е извршен без потребната согласност од нас како земја под чие знаме плови бродот, како и без согласност на капетанот на бродот. Претресот беше прекинат по нашиот упорен протест и откако војската виде дека на бродот нема ништо непријавено. Војската беше на бродот од 17:45 до 9:38 часот“, рече Аксој.

Аксој, исто така, нагласи дека Турција е згрозена од односот на војската кон екипажот, кој е третиран како криминален, и додаде дека Турција протестирала против тоа и ќе го искористи своето право за процесуирање и барање отштета од одговорните лица.

„За претрес на пловила во меѓународни води неопходна е согласност од земјата под чие знаме плови пловилото. Тоа правило не го менува ниту резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за забрана на увоз на оружје во Либија“, рече Аксој.

Тој истакна дека се доведува во прашање транспарентноста и непристрасноста на операцијата „Ирини“, која ЕУ ја спроведува без консултација со признатата Влада на Либија, со Турција или со НАТО.

„Како што веќе во повеќе наврати кажавме, операцијата Ирини е пристрасна. Таа не го контролира оружјето што како помош пристигнува во Либија како помош за водачот на пучистите Калифа Хафтар, туку спроведува произволни акции со кои ја казнува легитимната Влада на Либија“, порача Аксој.

Европската Унија ја започна операцијата „Ирини“ со цел надгледување на почитувањето на ембаргото на ОН за увоз на оружје во Либија во Медитеранот.

Операцијата нема согласност, ниту во неа учествува меѓународно признатата Влада на национално единство на Либија, што е нужно, во согласност со Одлуката 2291 на Советот за безбедност на ОН. Поради тоа операцијата привлекува сè повеќе критики како пристрасна и незаконска операција.

Некои земји се противат на операцијата и се повлекуваат од неа, додека некои земји членки на ЕУ не го прават тоа затоа што не сакаат да го загрозат својот пристап до европските финансиски фондови.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.