Sarp Özer,Sinan Uslu
30 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
АНКАРА (АА) - Во цела Турција денес се одбележува националниот празник Ден на победата и Денот на Турските вооружени сили, а по тој повод се одржуваат пригодни манифестации и собири, јавува Anadolu Agency (AA).
Празникот е одбележан и на истанбулскиот плоштад Таксим, со присуство на регионалните и локалните власти на градот на Босфорот.
Со слични собири, воени паради и други пригодни манифестации, Денот на победата и Денот на вооружените сили на Турција денес се одбележува и во Ќутахија, Аксарај, Чанкири, Зонгулдак, Карс, Адана, Хатај и во други градови во Турција.
Централниот собир во присуство на државниот, политичкиот и воениот врв на Турција е организиран ,во комплексот Аниткабир, мавзолејот на основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк во Анкара.
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Анкара беше пречекан од страна на турскиот премиер Бинали Јилдирим, началникот на турскиот Генералштаб, Хулуси Акар, и делегацијата.
Потоа делегацијата предводена од Ердоган, која ја сочинуваа и претседателот на Големото народно собрание на Турција (TBMM), Исмаил Караман, Јилдирим, Акар, претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП) Кемал Киличдароглу, претседателот на Партијата за национално движење (МХП) Девлет Бахчели, членовите на Советот на министри, команданти на вооружените сили, пристигна во мавзолејот.
Ердоган положи венец, а по едноминутен молк беше интонирана химната на Република Турција.
Турскиот претседател во пишана порака изјави дека со гордост ја одбележуваат 95-годишнината од големата победа. Ердоган истакна дека Турција го продолжува својот пат во согласност со целите што ги зацртал Ататурк.
„Епскиот отпор пружен во ноќта на 15. јули ја истакна одлучноста на нашата земја да ги порази сите напади на нејзината економска и политичка независност“, порача Ердоган.
Како и минатата, и оваа година граѓаните покажаа голем интерес за манифестацијата. При пристигнувањето, но и при заминувањето на турскиот претседател од Аниткабир извикуваа пораки на поддршка.
На собирот беа преземени засилени безбедносни мерки.
На денешен ден, пред 95 години, турските сили предводени од основачот на модерна Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, забележаа голема победа во Битката на Думлупинар, која беше последна во Турско-грчката војна што траеше од 1919 до 1922 година.
Празникот Ден на победата и Денот на вооружените сили во Турција се одбележува во сеќавање на таа битка откако е прогласена модерната Република Турција.