Burak Dağ
18 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Турција ги критикуваше САД за заканите дека ќе ја отстранат од програмата „Ф-35“, поради нејзиното купување на рускиот систем за противвоздушна одбрана „С-400“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Уште еднаш потсетуваме дека јазикот со закани и санкции никогаш нема да ја одврати Турција да преземе чекори за обезбедување на својата национална безбедност“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
Со американскиот Закон за финансирање на одбраната за буџетската 2020 година, со заедничкиот буџет што го подготвија Сенатот и Претставничкиот дом, а кој е објавен во понеделникот, се предлага алокација на 440 милиони долари за Пентагон за купување на авионите „Ф-35“, кои ги порача Турција, како дел од модернизацијата на националната одбрана.
„Никој не треба да се сомнева дека ќе бидат преземени неопходни мерки против овие иницијативи, чија цел е Турција“, се наведува во соопштението.
Се наведува и дека американскиот нацрт-закон покажал дека САД не ги почитуваат суверените одлуки на Турција.
„Конгресот продолжува да зазема ирационален непријателски став, нечесно блокирајќи го нашето учество во програмата „Ф-35“, и покрај тоа што Турција ги исполни сите свои обврски“, стои во соопштението.
Исто така кажано е дека обидите за укинување на американското ембарго за оружјето на островот Кипар, во корист на администрацијата на кипарските Грци, нема да имаат друг резултат освен што ќе ги спречат напорите за постигнување договор на островот и ќе создадат сериозна ескалација.