МАЛАТИЈА (АА) - ВОЛКАН КАШИК -
Турција ја продолжува својата ефективна и одлучна борба против терористичката организација ДЕАШ која ги таргетира цивилите, меѓу кои стари лица и деца, додека преку операциите извршени минатиот месец низ земјата, Турција не ѝ дозволи на оваа терористичка организација да земе здив. Безбедносните сили успешно ги спречија плановите на терористите за извршување самоубиствени бомбашки напади.
Преку успешните операции реализирани минатиот месец во различни градови низ Турција, како Истанбул, Анкара, Коња, Самсун, Адана, Килис, Трабзон, Малатија, Османије, Кајсери, Адијаман и Хатај, безбедносните сили на Турција не ѝ дозволија на оваа организација да земе здив.
Според информациите до кои дојде Anadolu Agency (AA), во операциите реализирани во октомври од страна на полициските, жандармериските и граничните сили на оваа земја, фатени се 410 осомничени лица меѓу кои и странци, за кои се вели дека се таканаречени високи челници на оваа организација.
Во рамки на овие операции, во домовите на осомничените лица беа запленети голем број документи, како и дигитални материјали на оваа организација, 40 од приведените лица се уапсени, некои осомничени се депортирани од земјата, а во тек е судскиот процес за останатите осомничени.
- Некои операции против ДЕАШ реализирани во октомври
Во Анкара биле приведени 20 странци за кои се вели дека имале поврзаност со ДЕАШ, додека во Коња се приведени 2 лица.
Во Самсун биле приведени тројца браќа од Сирија, но потоа биле условно пуштени во слобода.
Во рамки на операциите против ДЕАШ извршени во Мардин, Јозгат, Истанбул, Османије, Коџаели, Кајсери, Килис, Самсун, Текирдаг, Адана, Сирт, Адијаман и Хатај, приведени се 79 осомничени, меѓу кои и странци.
Исто така, во операциите реализирани во 25 области на Турција во периодот од 13 до 15 октомври, фатени се 146 осомничени.
Уапсено е осомничено лице поради поврзаност со ДЕАШ, кое беше фатено во подрачјето на Акчакале во Шанлиурфа, во обид на илегален начин да премине од Сирија во Турција. Во Килис е уапсен и еден државјанин на Велика Британија со иранско потекло со образложение дека е припадник на ДЕАШ.
Двајца лица со потекло од Сирија фатени за време на операциите во Адана, се депортирани.
Исто така, фатени и уапсени се бројни други лица за време на операциите во различни градови низ земјата, како Кахраманмараш, Шанлиурфа, Зонгулдак, Трабзон, Османије, Баликесир, Коџаели, Хатај, Кајсери и Адана.
Од друга страна, турската полиција и Разузнавачката служба (МИТ) реализираа операции против ДЕАШ, при што приведени се 13 осомничени, од кои 10 се уапсени.
- Удар врз ДЕАШ пред 29 октомври
Исто така, турските сили во 21 област во земјата извршија 26 операции против ДЕАШ која планирала да изврши активности за време на прославите по повод 29 октомври - Денот на Републиката во Турција. Во овие рамки фатени се 100 лица..
Началникот на Генералната полициска дирекција на оваа земја, Мехмет Акташ, истакна дека со внимателност и одлучност ќе продолжи борбата против сите терористички организации, меѓу кои ФЕТО, ДЕАШ, ПКК.
„Во 21 област беа реализирани 26 операции против терористичката организација ДЕАШ која планирала да изврши активности за време на прославите по повод Денот на Републиката, додека фатени и приведени се вкупно 100 лица. Откриени се 1.297 профили кои вршеле црна пропаганда на социјалните мрежи против операцијата „Извор на мирот“, во чии рамки се приведени 452, а уапсени 78 лица“, рече Акташ.
Меѓу другото, во Истанбул беа фатени тројца припадници на оваа терористичка организација кои биле во обид да извршат активности за време на прославите по повод Денот на Републиката во Истанбул.
- Уапсени 4.517 лица од вкупно 13.696 осомничени
Како резултат на 4.536 операции на безбедносните сили на Турција извршени од 2016 година досега во рамки на борбата против ДЕАШ, уапсени се 4.517 лица од вкупно 13.696 приведени осомничени лица.
Во 2016 година биле реализирани 783, во 2017 година - 391, во 2018 година - 1.327 и во 2019 година, заклучно со 15 октомври, биле реализирани 1.035 операции, додека спречени се голем број активности планирани од страна на терористите.
Во рамки на операциите реализирани во истиот период, неутрализирани се вкупно 1.018 терористи, меѓу кои се наоѓаат и фатени терористи, како и терористи кои се предале на безбедносните сили.
Фатените 1.174 припадници на ДЕАШ и 115 припадници на Ал Каеда, сѐ уште се наоѓаат во затвор.