Турција

Турција: Бројот на загинати во земјотресот зголемен на 35

Потпретседателот Октај изјави дека државните институции брзо реагирале и на располагање ги ставиле сите капацитети за да ги спроведат успешно акциите за спасување и да пружат помош за време на сместувањето на луѓето што останале без домови

Handan Kazancı  | 26.01.2020 - Обновена : 27.01.2020
Турција: Бројот на загинати во земјотресот зголемен на 35 ( Foto: Sercan Küçükşahin /Anadolu Agency )

АНКАРА (AA) - Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, изјави дека бројот на загинати во разорниот земјотрес во Елазиг, на истокот на Турција, е зголемен на 35, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тој истакна дека веднаш по земјотресот е спроведен интервентниот план за ваквите катастрофи и ги пофали сите припадници на спасувачките екипи кои напорно работат за спасување на загрозените граѓани.

„Работните групи, нашите заменици-министри и сите други внимателно го следеа спроведувањето на планот на терен. Им се заблагодарувам на сите. Направивте навистина добра работа“, рече Октај на конференцијата за новинарите во Анкара.

Додаде дека институциите без какви било проблеми ја држат под контрола состојбата на терен, каде што и понатаму траат акциите за спасување, посебно фалејќи ги акциите и активностите на припадниците на Дирекцијата за управување со вонредни ситуации на Турција (АФАД).

Истакна дека државните институции бргу реагирале и на располагање ги ставиле сите капацитети за да се спроведат успешно акциите за спасување и да се пружи помош за време на сместувањето на луѓето што останале без домови.

На крајот потпретседателот Октај изрази сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака побрзо заздравување.

АДАФ соопшти дека се повредени 1.547 лица, додека спасувачките екипи и понатаму трагаат по евентуални преживеани, како и по жртвите, под урнатините.

Вкупно се спасени 45 лица, меѓу кои е и две и полгодишно женско дете пронајдено под урнатините 24 часа по земјотресот, и жена, која е извлечена по 17 часа откако е урната нејзината куќа.

Од АФАД нагласија дека напорите на тимовите продолжуваат, а дека во акциите за пронаоѓање на жртвите учествуваат повеќе од 3.430 лица со стотици возила и 17 кучиња трагачи.

Се додава дека тим на геодети ја проценуваат штетата предизвикана од земјотресот, а според прелиминарните извештаи, срушени се 76 згради, додека 643 се сериозно оштетени, а 425 се помалку оштетени.

Епицентарот на потресот со јачина од 6,8 степени по Рихтер регистриран е во местото Сивирџе, недалеку од градот Елазиг.

Земјотресот се почувствува и во околните градови Адана, Хатај, Османије и во подрачјето на северните делови на Сирија и Ирак.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.