Ayşe Şensoy Boztepe
21 Февруари 2023•Ажурирај: 22 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Управата за вонредни ситуации на Република Туркије (АФАД) го заврши поставувањето на 300.809 шатори во областите погодени од земјотресите на југот на Туркије, јавува Анадолу.
Како што најавуваат од АФАД, испораката и поставувањето шатори за лицата погодени од земјотресите ќе продолжи и во наредниот период со цел да се обезбеди привремено сместување за луѓето од тој регион.
АФАД досега изгради шаторски населби на 270 локации во областите погодени од земјотресот.
Во соопштението се наведува дека досега се поставени 300.809 шатори, од кои 69.766 само во Хатај, а 66.685 во Кахраманмараш.
Повеќе од 41.000 луѓе загинаа, а повеќе од 108.000 беа повредени во двата силни земјотреси што ја потресоа јужна Туркије на 6 февруари.
Два нови земјотреси со јачина од 6,4 и 5,8 степени според Рихтеровата скала синоќа ја потресоа турската област Хатај. Најмалку шест лица загинаа во овие земјотреси.