АНКАРА (АА) – Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Турција (AFAD) соопшти дека во Албанија ќе испрати екипа за поддршка на операциите за пребарување и спасување по земјотресот што ја погоди земјата ранот утрово, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Во Албанија ќе испратиме 3 возила, екипа од Министерството за здравство и еден авион кој припаѓа на Генералштабот, за поддршка на акциите за пребарување и спасување во Албанија по земјотресот“, се вели во соопштението на АФАД.
- Турската Црвена полумесечина испраќа хуманитарен конвој и експерти во Албанија
Турската Црвена полумесечина во Албанија која е погодена од земјотрес испраќа конвој со хуманитарна помош и делегација од експерти за дејствување во случаи на катастрофа.
Раководството на таа турска хуманитарна организација соопшти дека земјотресот предизвикал голема штета во повеќе региони на Албанија, а особено на подрачјето на Тирана и Драч.
Со посредство на Црвената полумесечина, Турција пружа рака на помош на загрозениот народ на Албанија.
„Турската Црвена полумесечина во Албанија испраќа два шлепери со шатори, ќебиња и хигиенски средства и осум експерти за дејствување во случаи на катастрофа“, се наведува во соопштението.
Конвојот со помош содржи 120 шатори кои се достапни за привремено сместување на илјадници лица, потоа 2.500 ќебиња, илјада пакети со хигиенски средства и 2.500 пакети со храна.
По доаѓањето во Албанија, делегацијата на Црвената полумесечина од домашните доставувачи ќе преземе храна и други потреби и ќе ги достави на жителите на Албанија. Во готовност е и складиштето на турската Црвена полумесечина во Бугарија.
Претседателот на турската Црвена полумесечина, Керем Киник, порача дека таа хуманитарна организација од почетокот ја следи ситуацијата во Албанија која утринава ја потресоа силни земјотреси.
„Во контакт сме со Црвениот крст на Албанија. Подготвивме хуманитарна помош за која беше искажана потреба. Јасно порачавме дека сме подготвени и понатаму да помагаме во согласност со потребите на терен“, порача Киник.
Министерството за одбрана на Албанија соопшти дека бројот на загинати во земјотресот се искачи на 15 лица, а дека досега се спасени 41 лице.
Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, на прес-конференција потврди дека „Главниот удар на земјотресот беше регистриран на 3:55 и беше со јачина од 6,3 степени со длабочина од 10 километри и со епицентар во Драч.“
„По првиот удар беше регистриран друг голем удар од 5,5 степени според Рихтер и епицентар во 'Ртот Родон со повеќе од 100 секундарни потреси и оттогаш состојбата е сè уште активна“, изјави Џачка.
Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија потврди дека во болниците во Тирана, Драч, Круја, Курбин и Лежа биле услужени над 600 повредени во земјотресот.
Во меѓувреме, Министерството за образование, спорт и млади објави „прекин на наставата на целата територија за денеска, 26.11.2019.“
Во Тирана и другите градови во Албанија, граѓаните во паника ги напуштија своите домови и престојуваат на отворено, бидејќи се забележани и други помали потреси.
Земјотресот предизвика бројни проблеми во телекомуникациите и прекини на електричната енергија во повеќе градови низ земјата.
Земјотресот е почувствуван и во Северна Македонија, Косово и Црна Гора.
news_share_descriptionsubscription_contact
