Mehmet Tosun
20 Октомври 2022•Ажурирај: 21 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Министерството за национална одбрана на Туркије ги отфрли наводите дека Армијата на земјата користи хемиско оружје и нагласи дека Турските вооружени сили не користат или поседуваат муниција забранета со меѓународното право, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се наведува дека турските сили ја продолжуваат борбата против тероризмот со зголемено темпо и одлучност.
„Ширењето на дезинформации е залуден обид на терористичката организација и нејзините соработници, кои решителната борба на нашите вооружени сили ја доведоа до точка на распаѓање. Ваквите тврдења и обиди да се фрли сенка на успехот на Турската армија се целосно неосновани и неморални“, се вели во соопштението.
Нагласувајќи дека Туркије својата борба против тероризмот ја заснова на меѓународното право, ресорното Министерство на таа земја соопшти дека ќе ја продолжи борбата до искоренување на последниот терорист.