Göksel Yıldırım
25 Ноември 2025•Ажурирај: 26 Ноември 2025
АНКАРА (АА) – Водечките турски одбранбени компании развиваат беспилотни летала за спасување кои можат да играат клучна улога во природни катастрофи, во време кога употребата на дронови за спасување луѓе во опасни и недостапни области станува сè почеста, јавува Анадолу.
Неодамна во Виетнам, маж беше подигнат на безбедно со помош на дрон, откако поради поплавите беше заглавен на средина на реката Срепок, во округот Ку Јут.
Бидејќи традиционалните методи за спасување не успеаја поради надојдените води и тешко достапниот терен, дрон, кој инаку беше користен за земјоделски активности, со носивост од 100 килограми (220 фунти), стана неговата единствена шанса за преживување. Тој беше пренесен до безбедна точка, каде што спасувачите успеаја да го извлечат од водата.
Овој случај повторно го истакна значењето на дроновите за транспорт и спасување, а турските компании веќе го заземаат своето место во овој технолошки напредок со дроновите со висок капацитет.
Меѓу фирмите што се истакнуваат се „Зирон динамикс“, „Титра технолоџи“ и „ДАСАЛ“, кои развиваат решенија наменети за екстремни и тешки услови на терен.
ЗД360 на „Зирон динамикс“ е висококапацитетен товарен дрон од новата генерација, кој може да извршува мисии во радиус од 10 километри (6,2 милји) со товар од 60 килограми (132 фунти).
Во радиус од 1 километар (0,62 милји), дронот може да носи до 100 килограми.
Неговата компактна големина – околу една четвртина од сличните системи – овозможува лесен транспорт со возило и брза активација на терен.
„Алпин“ на „Титра технолоџи“ е првиот турски автономен хеликоптер, со носивост до 200 килограми (440 фунти), вклучително и гориво.
Благодарение на високата транспортна способност и долгиот лет, „Алпин“ е значаен ресурс за операции во планински предел, поплавени региони или за време на шумски пожари.
Во меѓувреме, ДАСАЛ нуди низа товарни беспилотни летала, од кои едно е ПУХУ Ц75. Дронот може да носи до 75 килограми.
ПУХУ Ц75 е надградба на неговиот претходник, со поголем капацитет на носивост и поголема подготвеност за иднината бидејќи ги зема предвид еволуирачките технологии и променливите потреби на различните корисници за зголемена носивост и проширен дострел.
ПУХУ Ц100 е дизајниран да ги задоволи клучните логистички потреби на терен, со капацитет на корисен товар од 100 килограми, долг дострел и голема хоризонтална брзина.
ДАСАЛ го произведе и КОНДОР-Ц150, кој може да носи товар од 150 килограми 30 минути.
Дроновите на турските одбранбени компании со голема носивост, автономни и отпорни на напади, како и товарните беспилотни летала со голема носивост, се користат во одбранбената индустрија, но тие исто така имаат значаен потенцијал за спасувачки и хуманитарни операции за време на катастрофи, како поплави, земјотреси и пожари.
Овие системи можат да играат клучна улога во намалувањето на човечките жртви и материјалната штета предизвикани од катастрофи, со брзи и ефикасни операции за спасување, а воедно и да ги заштитат спасувачите од опасните подрачја.