Jeyhun Aliyev
13 Мај 2021•Ажурирај: 13 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска упати честитки по повод празникот Рамазан бајрам, јавува Агенција Анадолија (АА).
Овогодишните прослави по повод празникот не се одржуваат поради карантинот кој земјата го воведе со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Ви го честитам празникот вам и на вашите семејства, мои искрени желби. Се молам на Алах да ни го донесе наредниот празник исполнет со здравје, благосостојба и мир“, истакна Ердоган преку Телеграм.
Турскиот потпретседател Фуат Октај на Твитер им го честиташе празникот на муслиманите.
„Искрено им го честитам празникот Бајрам на нашиот народ и на целиот исламски свет, особено на нашите браќа и сестри Палестинци. Го молам Алах овие благословени денови да донесат добрина за нашата земја, нашата нација и целото човештво“, рече Октај.
Фахретин Алтун, директорот за комуникации при турското Претседателство, исто така по овој повод напиша порака на Твитер.
„Им го честитам празникот Бајрам на нашиот народ и на целиот исламски свет и посакувам овие благословени денови да доведат до мир во Ерусалим, да се спасат нашите браќа и сестри кои страдаат од прогон во Палестина и низ целиот свет, и посакувам единство и солидарност на исламскиот свет“, изјави тој.
Традиционално, Бајрам се одбележува со семејни собири и молитва во џамиите. Но оваа година, исто како и во 2020 година, многумина можат да слават само дома со своите семејства поради воведениот карантин во земјата.