Турција

Турскиот претседател Ердоган остро го критикуваше холандскиот екстремен десничар Вилдерс

„Силите што го прават светот невозможен за живот нè идентификуваа нас како цел бидејќи ги нарушуваме нивните игри и ги откриваме нивните вистински лица“

Handan Kazancı  | 25.10.2020 - Обновена : 26.10.2020
Турскиот претседател Ердоган остро го критикуваше холандскиот екстремен десничар Вилдерс

МАЛАТИЈА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес остро го критикуваше холандскиот екстремен десничар Герт Вилдерс поради објавувањето навредливи карикатури на социјалните мрежи, јавува Агенција Анадолија (AA).

„Фашизмот не се наоѓа во нашата книга, го има во вашата книга. Во нашата книга има социјална правда“, рече Ердоган на Конгресот на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во источната турска област Малатија, нарекувајќи го Вилдерс фашист.

„Силите што го прават светот невозможен за живот нè идентификуваа нас како цел бидејќи ги нарушуваме нивните игри и ги откриваме нивните вистински лица“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција ќе продолжи одлучно да дејствува како и досега.

Неговата изјава уследи откако Вилдерс на социјалните мрежи објави навредлива карикатура на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател истакна дека никој не може да ѝ се заканува на Турција затоа што, како што рече, Турција не е племенска држава.

„Направивме чекор кон Соединетите Американски Држави во врска со воените авиони Ф-35, но вие рековте 'вратете го одбранбениот систем С-400 назад во Русија'. Ние не сме племенска држава, ние сме Турција“, додаде Ердоган.

Американските власти минатата година соопштија дека го прекинале партнерството со Турција во програмата за производство на авионите Ф-35, откако Русија ѝ го испорача на Турција системот за противвоздушна одбрана С-400.

Ердоган потсети дека Турција сега не само што поседува свои беспилотни летала, туку поседува и вооружени беспилотни летала.

„Нашите вооружени беспилотни летала сега станаа пример во светот. Но, некои земји сакаат да нè сопрат во однос на овие летала. Им честитам на сите во Турција кои успеаја да ги произведат овие вооружени беспилотни летала и другите беспилотни летала“, рече Ердоган.

Тој на крајот порача дека Турција, и покрај сите неволји и предизвици, и во наредниот период ќе продолжи со напредокот и со инвестициите.

„На оние кои сакаат да нè обесхрабрат и да нè оддалечат од нашите цели секогаш им одговараме со нови инвестиции. На идните генерации кои доаѓаат ќе им ја оставиме Турција која ги има остварено целите на секое поле“, рече Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.