Турција

Турскиот министер за одбрана, Акар: „Од 23 април неутрализирани 68 терористи“

„Од 1 јануари до денес во Ирак и на северот на Сирија неутрализирани се 953 терористи. Важно е да се неутрализира и последниот терорист. Ги почитуваме суверенитетот и границите на сите наши соседи, вклучувајќи го пријателскиот и братски Ирак...“

Özcan Yıldırım  | 05.05.2021 - Обновена : 06.05.2021
Турскиот министер за одбрана, Акар: „Од 23 април неутрализирани 68 терористи“ Фото: Arif Akdoğan/AA

КОЏАЕЛИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, порача дека Турција ги почитува границите и суверенитетот на своите соседи, вклучувајќи го и Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).

Акар со челникот на Генералштабот на турската војска, Јашар Ѓулер, командантот на Поморските сили, Аднан Озбал, го посети командниот штаб на морнарицата во Голџук, а синоќа имаше ифтар со припадниците на морнарицата.

Во обраќањето во таа пригода Акар рече дека Вооружените сили на Република Турција, инспирирани од патриотизмот, безбедноста и молитвите, ги штитат правата и интересите на својата земја на копно, во море и воздух.

Потсети дека најважниот дел од нивните активности се однесува на борбата против тероризмот и дека таа ќе биде продолжена додека не биде неутрализиран и последниот терорист.

Истакна дека војниците во рамките на борбата против тероризмот оствариле значајни успеси, како и тоа дека продолжуваат да остваруваат нови.

„Од 1 јануари до денес во Ирак и на северот на Сирија неутрализирани се 953 терористи. Важно е да се неутрализира и последниот терорист. Ги почитуваме суверенитетот и границите на сите наши соседи, вклучувајќи го пријателскиот и братски Ирак. Никој нека не се сомнева во тоа. Наша единствена цел е борбата против тероризмот и терористите“, рече Акар.

Додаде дека секој треба да знае дека турските сили се наоѓаат на северот на Ирак поради терористите кои таму се наоѓаат.

„Ќе продолжиме да правиме сѐ што треба за да ги искорениме терористите кои се наоѓаат на северот на Ирак и кои 40 години ги загрозуваат животите на 40.000 наши граѓани. Сигурно дека покрај тоа немаме други намери ниту во Ирак ниту на северот на Сирија“, порача Акар.

Потсети дека на 23 април на северот на Ирак се започнати операциите „Канџа-Молња“ и „Канџа-Гром“.

„Овие наши операции успешно се спроведуваат. Во неодамнешните активности неутрализиравме шестмина терористи. Од 23 април до денеска неутрализирани се вкупно 68 терористи кои сами ги видовме“, рече Акар.

Тој се осврна и на регистрираните случаи на Ковид-19 меѓу припадниците на Вооружените сили и рече дека е нужно да се почитуваат пропишаните мерки. Додаде и дека Вооружените сили на Република Турција се меѓу вооружените сили со најниска стапка на заразени во светот.

„Ги преземаме сите мерки кои можат да бидат преземени со цел заштита на нашиот персонал во сите ситуации. Го следиме тоа до крај. Секогаш во секоја ситуација се спроведува праведна истрага. А понатамошни чекори се преземаат врз основа на резултатите од истрагата. Нема занемарување. Било да станува збор за Ковид-19 случаевите, било за самоубиствата, било за други смртни случаи или несреќи“, рече Акар.

Министерот за одбрана на Турција се осврна и на кипарското прашање и рече дека е несоодветно на островот да постои структура на две држави.

„Ние сакаме дијалог, сакаме да пронајдеме политички решенија. Но, колку и ние да се однесуваме добронамерно, нашите грчки соседи ги зголемуваат тензиите и користат заканувачка реторика. Прават таква грешка што не разбираат дека на тој начин нема да постигнат резултати. Очекуваме да разберат дека заканувачка реторика против Турција нема да ги донесе никаде. Веруваме дека со ставот кога се во прашање Егејското Море, Источен Медитеран и Кипар отворивме пат кон барање политички решенија“, рече Акар.

Повтори дека Турција нема никакви претензии кога е во прашање чија било земја, вода или права.

„Сепак, секој нека знае дека нема да дозволиме ниту најмало кршење на нашите права. Тоа што ние велиме дека проблемите треба да се решаваат со дијалог, никој нека не го смета за некаква слабост. Бараме начини за пријателски соживот на два соседи“, рече Акар.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın