Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
30 Ноември 2022•Ажурирај: 01 Декември 2022
АНКАРА (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска оствари одделни средби со своите европски колеги на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во романскиот главен град Букурешт, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку објава на Твитер, Чавушоглу соопшти дека разговарал со холандскиот министер за надворешни работи, Вопке Хоекстра за прашања поврзани со Украина и за проширувањето на НАТО.
Одделно, Чавушоглу се сретна и со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џејмс Клеверли, со кого разговараше за „последните случувања во Украина и за нашата економска/одбранбена соработка“, истакна турскиот министер.
Тој, исто така, оствари средба и со неговата германска колешка Аналена Баербок на која потсети дека „борбата против тероризмот е заедничка одговорност на сите сојузници на НАТО“.
Турскиот министер за надворешни работи потоа се состана и со неговиот украински колега Дмитро Кулеба, нагласувајќи ја поддршката на Туркије на територијалниот интегритет на Украина. „Нашите напори за траен прекин на огнот ќе продолжат“, додаде Чавушоглу.
На неговиот последен билатерален состанок во Букурешт, Чавушоглу оствари средба и со словачкиот министер за надворешни работи, Растислав Качер.
„Разговаравме за регионалните случувања, меѓу кои и за Украина“, напиша Чавушоглу на Твитер.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО престојуваат во Букурешт на дводневен состанок кој започна вчера (вторник).
Министрите разговараат за војната во Украина, која се смета за закана за евроатлантскиот мир и безбедноста.