Mümin Altaş,Muhammed Boztepe
25 Февруари 2020•Ажурирај: 26 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, изјави дека поради мерките на претпазливост, во 14-дневен карантин ќе бидат задржани 132-та патници и членовите на посадата на авионот кој денеска од Техеран во Анкара ги донесе турските државјани кои изразија желба да го напуштат Иран поради коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Коџа изјави дека властите на Турција пред два дена го запреле железничкиот, копнениот и воздушниот транспорт со соседен Иран. Тој изјави дека се затворени и граничните премини, но дека на иранските државјани им е дозволено враќање од Турција во Иран.
„Организиравме специјален лет за турските државјани кои изразија желба од Иран да се вратат во Турција. Сите патници од тој лет ќе бидат задржани на двонеделен надзор. Авионот на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) планираше да слета во Анкара, па 132-та патници и членовите на посадата ќе бидат подложени на лекарски прегледи и ќе бидат згрижени во болницата „Д-р Зекаи Тахир Бурак“, која претходно е преуредена во карантин. По деталните лекарски прегледи, примероците за наодите ќе бидат пратени во Националната виролошка лабораторија“, изјави Коџа.
Ресорниот турски министер Коџа на Твитер денеска соопшти дека во Турција не е регистриран ниту еден случај на зараза со коронавирус. Тој порача дека сите ресорни служби на таа земја работат на превенција и преземање на потребните мерки за заштита на граѓаните.