Sarp Özer
19 Февруари 2023•Ажурирај: 20 Февруари 2023
ХАТАЈ (АА) – Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес изјави дека по земјотресите на југот на Туркије, 10.633 Сиријци доброволно се вратиле во својата матична земја, јавува Анадолу.
Вршејќи надзор на границата од копно и воздух во турската област Хатај и разговарајќи со граничните службеници, министерот Акар ги отфрли како целосно невистинити тврдењата дека имало бран на сириски бегалци преку јужната граница на Туркије.
„Спротивно на идејата дека имало интензивни премини во Туркије, тие (граничните службеници) рекоа дека сириските граѓани ја преминуваат границата во една насока, од Туркије кон Сирија. Тие рекоа дека нашите сириски браќа, кои ги изгубиле своите семејства и домови во земјотресот, доброволно се враќаат во нивната татковина“, рече Акар.
„Термални камери и беспилотни летала се користат за следење на целата наша област на одговорност 24/7“, додаде Акар.
Туркије беше клучна транзитна точка за нерегуларните мигранти, вклучително и за Сиријците, на патот кон Европа за да започнат нови животи, особено оние кои бегаат од војна и прогон во нивните земји.
Најмалку 40.642 лица загинаа, а над 108.000 се повредени во двата силни земјотреси што ја потресоа јужна Туркије на 6 февруари, според последните официјални податоци.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со епицентар во Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 области – Кахраманмараш, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије, Елазиг и Шанлиурфа.
Земјотресот остави катастрофални последици и во Сирија, каде загинаа најмалку 5.840 луѓе.