Erdoğan Çağatay Zontur
28 Мај 2020•Ажурирај: 30 Мај 2020
АНКАРА
По успехот во борбата против епидемијата на Ковид-19, Турција сега ги прифаќа пациентите за здравствен туризам од сите делови на светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
По прифаќањето пациенти од 31 земја, турското Министерство за здравство денеска објави дека се добредојдени луѓето кои ги исполнуваат условите од сите земји во светот.
„Турција ќе ги прифати сите пациенти на кои им е потребно лекување во сите помали и поголеми гранки, како и репродуктивна терапија, трансплантација на органи, коскена срцевина или матични клетки, роботски операции, баријатриски операции и интервентна радиологија“, се наведува во соопштението на Министерството.
Пациентите и нивната придружба ќе можат да влезат во земјата по копнен и воздушен пат.
Воздушниот транспорт ќе биде дозволен на аеродромите во Истанбул, Анкара, Анталија, додека копнениот транспорт ќе биде преку граничниот премин „Капикуле“ со Бугарија, граничниот премин „Сарп“ со Грузија и граничниот премин „Хабур“ со Ирак.
Во соопштението се вели дека болниците кои ќе ги прифатат меѓународните пациенти мора да поседуваат меѓународен сертификат за овластување на здравствениот туризам, издаден од Министерството.
„За да се гарантира нивната безбедност, за пациентите од областа на медицинскиот туризам ќе бидат овозможени посебни катови, ходници или други делови на болницата, за другите пациенти или нивната придружба да не стапат во контакт со нив“, се додава во соопштението.
Пациентите од странство ги привлекуваат висококвалитетни услуги и пониски цени, а само во 2018 година Турција од медицинскиот туризам заработи околу 1,5 милијарда долари.