Uğur Aslanhan
08 Септември 2025•Ажурирај: 12 Септември 2025
МИНХЕН (AA) - Турскиот производител на електрични возила Тог (Togg), започнува со преднарачки за својот нов модел, T10F, на 15 септември во Турција и 29 септември во Германија, јавува Анадолу.
Ова го објавија претставниците на Тог на прес-конференција денес, пред претставувањето на моделот на големиот саем за мобилност, IAA Mobility 2025, во Минхен, Германија.
Минхен ќе ги пречека посетителите на настанот утре (вторник), каде на едно место ќе се соберат производители на автомобили, технолошки компании, стартапи и пионери за одржлив транспорт.
За време на прес-конференцијата на саемот, Тог ја претстави својата иновативна палета на производи и екосистем за мобилност пред локалните и странските новинари.
Тог, исто така, објави дека неговите два модели, T10X и T10F, добиле највисока оценка од пет ѕвездички на сите тестови спроведени од независната програма Euro NCAP, која ја проценува безбедноста на возилата на европскиот пазар.
Говорејќи на настанот, претседателот на Тог, Фуат Тосјали, рече дека експанзијата на компанијата во Европа, по нејзиниот успех во Турција, претставува пресвртница.
Осврнувајќи се на производствениот пат на Тог и колкав предизвик претставувало тоа, Тосјали рече: „За прв пат во историјата производството на автомобил каде сите права на интелектуална сопственост ѝ припаѓаат на Турција беше предизвик само по себе кога ќе се погледне индустриската историја на нашата земја, и ние успеавме.
„Не се откажавме. Дури и кога се соочувавме со потешкотии, секогаш се фокусиравме на изнаоѓање решенија и работевме напорно.“
Тој рече дека компанијата отвора процес за преднарачки за своите модели T10X и T10F во Германија од 29 септември.
Продажните цени на T10F во Турција и Германија ќе бидат објавени на денот кога возилото ќе стане достапно за нарачки во двете земји.
Тој истакна дека компанијата е горда што го подигнала Тог на ново ниво со проширување на своите екосистеми за мобилност во Европа, истакнувајќи дека постепено од Германија ќе се отвори и кон други европски земји.