Fatih Ulaş
01 Ноември 2023•Ажурирај: 02 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на турската хуманитарна организација ИХХ, Булент Јилдирим, истакна дека во петок ќе организираат марш кон американската воздушна база Инџирлик, која се наоѓа во турската област Адана, со цел да се воспостави примирје помеѓу Израел и Палестина, јавува Анадолу.
Јилдирим имаше свое обраќање на прес-конференцијата насловена „Конвој за слобода за Палестина“.
Тој презентираше една мапа на која го покажа военото присуство на САД во светот, тврдејќи дека ова е мапа за окупирање на Туркије и дека САД целосно ја опколиле Туркије со цел да ја окупираат.
Според него, сега прашањето не е Палестина, туку окупирање на светот.
Упатувајќи апел до народите во Европа и САД, Јилдирим рече: „Ционизмот ве окупирал. Тие не фрлаат бомби само во Палестина. И вас ве експлоатираат. Најголема територија окупирана од страна на ционизмот е територијата каде што живее американскиот народ, кој треба да стане на нозе и да го бара своето право.“
Јилдирим го повика израелскиот народ да го отстрани од власт премиерот Бенјамин Нетанјаху, истакнувајќи дека третата светска војна се приближува и дека народите што ќе ја спречат, треба да станат на нозе.
Тој нагласи дека во петок ќе започнат марш кон воздушната база Инџирлик, која се наоѓа во турската област Адана.
„Стотици илјади лица ќе одиме кон базата Инџирлик. Турски народе, стани на нозе, илјадници лица тргнете на пат. Не останувајте дома, не лежете, не спијте. Децата умираат. Ако останувате неми на убиството на овие деца, тоа ќе им се направи и на нашите деца“, рече тој.
Јилдирим подвлече дека секој милосрден човек, било верник или неверник, треба да реагира против војната.
„Не е доволно да му се каже стоп на Израел. Нетанјаху нема да запре. Бидејќи Нетанјаху веќе е Хитлер. Бара трета светска војна. Шеф на Хитлер се американските администратори. Затоа ќе маршираме кон базата Инџирлик“, истакна Јилдирим.
Исто така, Јилдирим информираше дека на 3 ноември ќе тргнат од Истанбул, и ќе патуваат во различни области, како Адапазари, Анкара и Коња, каде што ќе одржат прес-конференции.
Тој нагласи дека доколку нема прекин на огнот, ќе ги повикаат сите народи во светот да маршираат кон американските бази.
Според него, како резултат на израелските бомбардирања во Палестина урнати се 32.000 станбени згради.
Јилдирим рече дека е потребен итен прекин на огнот и отворање хуманитарен коридор во Палестина.