Kemal Karadağ
24 Јуни 2018•Ажурирај: 24 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ - Терористичката организација ФЕТО се обиде да предизвика хаос во Турција за време на денешните претседателски и парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците до кои дојде АА, терористите на ФЕТО и за време на претходните изборни процеси во Турција користеа различи методи во обид за дестабилизација на Турција.
Челниците на ФЕТО и нејзините припадници, и за време на локалните избори во март 2014 година и парламентарните избори во јуни и ноември 2015 година во Турција, наредија да гласаат за најсилните противкандидати на владејачката партија за Правда и развој (АК Партија).
Турските истражни органи дојдоа до голем број докази кои тоа го потврдуваат, а станува збор за документи запленети за време на претрес на куќите на припадниците на ФЕТО, како и за нивните признанија за време на давањето искази пред правосудството. Наредбите се откриени и во транскрипти на пресретнатите пораки на терористите на ФЕТО кои го користеле шифрираниот систем на комуникација, БајЛок.
Раководството на терористичката организација ФЕТО од членовите барало да не влегуваат во предизборни дискусии со претставниците на АК Партијата, туку да укажуваат на лошите работи во земјата, и да не гласаат за оваа партија.
Истражните органи открија дека ФЕТО од своите членови на источниот и југоисточниот дел на Турција барале да гласаат за опозициската Народна демократска партија (ХДП), чии лидери се товарат за врски со терористичката организација ПКК. За да ги избегнат реакциите од пошироката јавност, челниците на ФЕТО, ХДП ја ословувале со кодната шифра DP.
Уапсените припадници на ФЕТО признаа дека добивале задачи и дека морале да поднесуваат редовни извештаи за активностите спроведени за поддршка на најсилните опоненти на АК Партијата во сите турски региони.
„Арам е да се гласа за АК Партијата која земјата ја води во состојба на Северна Кореја. Ако треба и фетва давам за тоа“, наведе поранешниот член на едно муфтивство и член на ФЕТО, за време на допишувањето со другите членови на оваа организација на БајЛок.
Терористичката организација ФЕТО и во пресрет на денешните предвремени претседателски и парламентарни избори во Турција ги продолжи обидите за нарушување на изборниот процес.
Пребегнатиот обвинет за планирање на воен удар, Тунчеј Опчин, со посредство на социјалните мрежи тврдеше дека изборите ќе бидат лажирани.
Организацијата ја продолжи поддршката за ХДП да го премине изборниот праг од 10 отсто за влез во турскиот Парламент.
Со поддршката за ХДП, уапсените припадници на ФЕТО ја видоа можноста за излез на слобода, откако во јули 2016 година се обидоа да извршат воен удар.
Притворените припадници на ФЕТО, меѓу кои и поранешните генерали на Турската војска, Гокхан Шахин Сонмезатеш, Мехмет Партигоч и Кемил Турхан, од семејствата кои ги посетувале во затвор барале да гласаат и агитираат за гласање за ХДП.
За време на изборниот ден припадниците на ФЕТО ги провоцирале турските гласачи во различни делови на земјата.
На едно гласачко место во Истанбул жена предизвика инцидент, откако не ѝ беше одобрено да гласа во присуство на синот и мажот, а го барала тоа под изговор дека е неписмена. Турската полиција интервенираше и со идентификација утврди дека нејзиниот маж и син се на листата на барани бегалци на ФЕТО. Двајцата мажи се приведени.
Односната Хатиџе К. во занос се фрлала на земја, а екипите на итната медицинска помош интервенирале и ја однеле во болница.