Gazi Nogay
18 Септември 2018•Ажурирај: 19 Септември 2018
ЧАНКИРИ (АА) - Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, денес изјави дека терористичката организација ПКК е речиси на крајот од силите и најави продолжување на ефикасната борба против тероризмот во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Сојлу, за време на обраќањето на собир во Џанкири, истакна дека Турција ги решава проблемите што ѝ ги наметнуваат непријателите, и дека еден од тие проблеми е и терористичката организација ПКК која под плаштот на етничките разлики веќе со години се обидува да ја подели земјата.
„ПКК е речиси на крајот од силите. Гледате како ги неутрализираме терористите од листите на најбарани. Еден по еден ги бришеме. Претстојната зима ќе биде особено тешка за ПКК. Завршивме со подготовките и наесен и назима нашите херои ќе ја продолжат борбата што ефикасно ја водеа и за време на летото“, порача Сојлу.
Потсетувајќи дека турските сили минатата година неутрализирале 63 терористи од листата на најбарани која е поделена во пет категории, односно бои, Сојлу изјави дека за осум и пол месеци од оваа година биле неутрализирани 63 од нив.
„Вчера во Тунџели беа неутрализирани десет терористи. Ги чистиме од површината сите нивни остатоци“, изјави Сојлу.