Merve Aydoğan
28 Септември 2017•Ажурирај: 29 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Република Турција, Сулејман Сојлу, рече дека турските безбедносни сили во изминатата година извршија скоро 68.500 анти-терористички акции, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во последните година дена спроведовме вкупно 68.464 антитерористички акции. Од нив, 40.000 против ПКК, 25.000 против ФЕТО и 2.109 против терористите на ДЕАШ“, рече министерот Сојлу кој денес беше гостин во уредничкиот деск на АА.
Истакнувајќи дека терористичките активности во Турција во значителна мера се онеспособени, Сојлу нагласи дека турските сили се борат и против финансиските текови кои ги хранат терористите.
Сојлу, исто така, потенцира дека приклучувањето кон терористичката организација ПКК е најслабо во последните 30 години.
„Од почетокот на оваа година во терористички напади на ПКК загинаа најмалку 40 цивили“, рече Сојлу и најави продолжување на антитерористичките операции против сите ограноци на таа терористичка мрежа во Турција и во соседните земји.
Укажувајќи и на опсежните операции против терористичката мрежа ФЕТО, која минатата година изведе неуспешен обид за воен удар во Турција, додаде дека ФЕТО во голема мера е онеспособен како резултат на досегашните операции и истраги.