Sinan Uslu
22 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Советот за национална безбедност на Република Турција денес ќе одржи вонредна седница, а една од главните теми ќе биде најавениот референдум за независност во Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Седницата на Советот е најавена за 15 часот по локално време, во Претседателската палата во Анкара, а ќе претседава турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
По вонредната седница на Советот за национална безбедност, Ердоган ќе претседава и со заседанието на Советот на министри на Република Турција. И парламентот на Турција утре ќе одржи вонредна седница.
Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак еднострано најави дека на 25 септември ќе се одржи референдумот за независност на тој регион. Парламентот, Владата и Уставниот суд на Ирак го забранија одржувањето на референдумот, а против одржувањето е и меѓународната заедница.
Турскиот претседател Ердоган претходно изјави дека референдумот на северниот дел на Ирак е неприфатлив бидејќи не е желба на сите народи што живеат таму.
Тој истакна дека Турција ја брани целовитоста на Ирак и оти Советот на министри со сигурност ќе заземе одлучен став и ќе ги разгледа можните санкции кон одговорните.