Gökhan Ergöçün
26 Септември 2020•Ажурирај: 28 Септември 2020
ГАЗИАНТЕП (АА) - Со својата солидна технолошка инфраструктура и голем потенцијал, Турција ќе се натпреварува на врвот за 10 години, порача турскиот заменик-министер за технологија и индустрија, Мехмет Фатих Каџир, од најголемиот технолошки настан во Турција, Технофест, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Националните чекори во технологијата под водство на претседателот Реџеп Таип Ердоган ја зголемија технолошката инфраструктура и технолошкото опкружување на Турција“, изјави Каџир во Газиантеп, град во јужна Турција, домаќин на овогодишниот Технофест.
Националните чекори во технологијата се насочени кон трансформација на технолошката индустрија на Турција преку локални и уникатни концепти создадени од турски експерти. Терминот првпат беше употребен во 2017 година.
Каџир, исто така, го поздрави одржувањето на Технофест како важен настан за технолошките цели на Турција.
„Турција има над 80 технопаркови, специјални зони за развој на технологијата, и над 6.000 фирми кои вршат активности за истражување и развој во овие зони“, истакна Каџир.
„Досега се завршени повеќе од 30.000 вакви проекти, а во тек се околу 10.000 проекти од овој тип“, рече тој.
Додаде дека Турција има и околу 1.500 центри за истражување, развој и дизајн, додека бројот на персонал за истражување и развој на технологијата се зголемил за над трипати на 180.000 во последните 13 години.
Каџир нагласи дека овие активности започнале да вродуваат со плод, прво во секторот за одбраната.
„Сега е време да го прошириме успехот и во други области, како што се енергетиката, транспортот и здравството.“
Осврнувајќи се на турското производство на медицински вентилатори за време на пандемијата на Ковид-19, Каџир рече дека технолошките и индустриските фирми се здружиле со цел да ги произведуваат овие уреди, кои беа креирани од стартап компанија.
Бидејќи медицинските вентилатори играа клучна улога во лекувањето на Ковид-19, беше развиен медицинскиот вентилатор на турската технолошка фирма BIOSYS и влезе во фаза на сериско производство со помош на турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“, гигантот во одбранбената индустрија „Аселсан“ и големиот производител на апарати „Арчелик“.
Осврнувајќи се на работата за вакцина против Ковид-19, Каџир рече дека Турција не е само набљудувач на глобалните активности.
Турција се приклучи на напорите со осум тековни проекти, а некои од нив ја поминаа фазата на испитувања врз животни и влегоа во фазата на клинички испитувања.
„Се надеваме дека ќе видиме резултати во првиот квартал од 2021 година“, рече тој.
„Така, Турција сега е на пат да стане земја која развива и извезува висока технологија“, рече турскиот заменик-министер.
Тој, исто така, потсети дека Турција, која може да ги задоволи своите потреби на секое поле, работи на производство на електричен воз и електричен автомобил.
„Постигнуваме слични успеси во здравството, во претстојниот период ќе слушнеме за големи успеси во развојот на фармацевтски производи и медицински уреди“, нагласи Каџир.