Fatih Hafız Mehmet
16 Јуни 2019•Ажурирај: 17 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Република Турција соопшти дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад извршиле нов напад врз контролниот пункт на турската војска во Идлиб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението се наведува дека режимските сили извршиле артилериски напад од местото Тал Базан врз контролен пункт во местото Мурак.
Во нападот нема настрадани лица, а причинета е материјална штета.
„Нападот е извршен плански и на него е возвратено со жестоко артилериско дејство“, се наведува во соопштението.
Од Министерството, исто така велат дека се преземени адекватни иницијативи во соработка со Русија и дека Турција внимателно ја следи ситуацијата во деескалационата зона во Идлиб.
Вчера турската војска испрати додатни сили и на контролниот пункт кај Завија во Идлиб, кој минатата недела исто така беше цел на напади на режимските сили. Во тој напад беа ранети тројца турски војници.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозицијата во Сирија. Со посредство на Турција и Русија, во Сочи, во септември минатата година постигнат е договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациона зона за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не престанаа со артилериските и воздушните напади во тој регион.