Sarp Özer
30 Јуни 2018•Ажурирај: 01 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Началникот на Генералштабот на Армијата на Турција, Хулуси Акар, изјави дека се продолжуваат активностите за ЈПГ да го предаде оружјето и напушти Мунбиџ во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегациите на Турција и САД, кон крајот на мај, во Анкара договорија нацрт-план за решавање на случајот Мунбиџ, според кој, терористите би требало тој регион да го напуштат во неколку фази, а локалното население да ја преземе власта со поддршка на турските и американските сили.
Во почетокот на јуни, во Вашингтон се состанаа шефовите на турската и американската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и Мајк Помпео, и ја потврдија Мапата на патот за воспоставување безбедност и стабилност во Мунбиџ.
Во соопштението на Генералштабот на Вооружените сили на Турција се наведува дека генералот Акар, во придружба на најблиските соработници, престојувал во посета на подрачјето на границата со Сирија.
Во таа пригода било разговарано со тамошниот воен персонал за акциите и активностите кои се спроведуваат на тоа подрачје.
За време на разговорот било посебно нагласено дека се продолжуваат операциите во рамките на борбата против тероризмот, со напомена дека последните месеци се уништени стотици цели на терористичката организација ПКК и дека се неутрализирани голем број терористи.
Акар додаде и дека турските сили, во координација со Русија и Иран, преку 12 набљудувачки точки придонесуваат за зачувување на стабилноста и безбедноста во Идлиб.
Посебно нагласи дека се почитува територијалниот интегритет и меѓународното право при извршувањето на операциите на турските сили во Сирија и Ирак.
На крајот истакна дека турските вооружени сили станале уште посилни откако се исчистени од членовите на ФЕТО, по обидот за државен удар на 15 јули во 2016 година.