Abdulselam Durdak
26 Октомври 2022•Ажурирај: 27 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Од 25 до 28 октомври во турската метропола Истанбул ќе се одржи познатиот Саем за одбранбена и воздушна индустрија САХА ЕКСПО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Саемот што се одржува во Експоцентарот во Истанбул собира голем број компании од Турција и од други земји од областа на одбраната, авијацијата и вселенската индустрија.
Ова е настан кој ги прикажува најновите системи и производи од одбранбени и воздушни компании, вклучувајќи беспилотни летала, хеликоптери, авиони, оклопни возила, оружје, проектили, муниција, воени бродови, тенкови, комуникациски уреди, опрема за кибербезбедност и развој на софтвер и хардвер.
На САХА ЕКСПО учествуваат одбранбени компании, вклучувајќи ги турските одбранбени гиганти „Аселсан“, „Хавелсан“, „Бајкар“, домашниот производител на мотори „Ерин мотор“, фирмата за хидраулични машини „Хидроан“, производителот на антени „Нета“, снабдувачот на батерии „Бириким“ и производителот на софтвер „Бајтс“.
Посетителите имаат можност да видат голем број нови производи од областа на одбраната и воздухопловството, меѓу кои и турското беспилотно летало „Дели камиказе УАВ“.
Своите нови производи ги претстави и компанијата „Сарсилмаз арми индустри“, а особено внимание привлече нејзиното ново роботско оружје САРБОТ.
На саемот учествува и турската компанија ТУМОСАН, која претстави голем број нови технолошки производи.
Генералниот директор на ТУМОСАН, Халим Тосун, истакна дека САХА ЕКСПО е одлична можност за презентација на новите домашни производи на кои работеле претходните години, додавајќи дека вниманието на посетителите особено го привлекле новите генерации поморски мотори што ги произвеле со домашен капацитет.
На САХА ЕКСПО учествуваат и врвни владини и воени функционери од десетици земји и странски посетители од 57 земји, вклучувајќи премиери, министри, воени команданти, заменици-министри и советници.
САХА ЕКСПО е еден од најважните саеми на одбранбената, воздушната и вселенската индустрија во светот, а АА е глобален комуникациски партнер на овој настан оваа година.