Veysel Kara
17 Јуни 2017•Ажурирај: 18 Јуни 2017
ЃУМУШХАНЕ (AA) - Работниците кои го копаат тунелот „Јени Зигана“ во североистокот на Турција работат во три смени за да ги исполнат роковите предвидени во договорот, а во текот на Рамазан, во тунелот тие постат и го прекинуваат постот само за време на ифтар, за навреме да ја завршат важната делница на некогашната рута на Патот на свилата, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за тунел што се гради на патот помеѓу градовите Ѓумушхане и Трабзон, а со неговата должина од 14,5 километри, овој тунел ќе биде еден од најдолгите светски едноцевни тунели и ќе го спојува североистокот на Турција со Кавказ и со Иран.
На изградбата на тунелот работат 350 работници од цела Турција, кои далеку од своите семејства, во утробата на планината Зегане и со тешка работа го поминуваат светиот месец за муслиманите – Рамазан.
Работодавачот Џенк Балмумџу вели дека работниците постат и дека еднакво се залагаат на работните места како и пред Рамазан.
„Свесни сме дека тоа е тешко и покажуваме толеранција. Така, пред и по ифтарот имаме по еден час пауза, кога ги гасиме сите машини и ги пуштаме луѓето да ја обноват силата. Заедно сме на ифтар, бидејќи семејствата се далеку од нас и ние тука станавме големо семејство“, вели Балмумџу.
Градежниот работник Рамиз Јалчин од Бартин рече дека му паѓа тешко тоа што во текот на Рамазан е одделен од своето семејство, особено од децата, но дека е свесен оти мора да работи.
„Со голема радост го чекаме Бајрам, кога ќе бидеме со семејствата кои нѐ чекаат“, рече Јалчин.
И Бадирхан Караѓоз од Кајсери вели дека му е тешко тоа што е далеку од своето семејство, но додава и дека Рамазанот со пријателите и колегите од работа е убав на посебен начин.