Ali Kemal Akan
11 Јули 2020•Ажурирај: 12 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, рече дека за геноцидот во Сребреница се одговорни западните земји, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Западот е одговорен за геноцидот кој се случи во Сребреница. Војниците на западните земји, кои ветија дека ќе го заштитат населението, само набљудуваа како се извршува геноцидот“, напиша Шентоп во пораката на својот профил на Твитер.
Нагласи дека Сребреница е место каде што паѓаат многу маски.
„Земјата таму се претвори во полиња на смртта. Срцата таму се распаѓаат. Сребреница е место каде паѓаат маските на оние што немаат ниту барем минимална совест за тоа дека се човечки суштества“, рече Шентоп.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, денес се изврши погребна молитва (џеназе) и погребани се девет жртви на геноцидот извршен во Сребреница.
Во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари досега се погребани 6.652 жртви на геноцидот, а се трага по повеќе од илјада убиени жители на Подриње.
Посмртните останки од жртвите на геноцидот беа пронајдени на околу 150 различни места, од кои над 70 се масовни гробници.
Најмладата жртва погребана досега во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена 1901 година.
Пред судовите во регионот и во Хаг за злосторства извршени во Сребреница досега осудени се 47 лица, на повеќе од 700 години затвор, а изречени се и четири доживотни казни затвор.