Diyar Güldoğan
01 Декември 2022•Ажурирај: 03 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Украинските сирачиња кои беа донесени во Туркије поради избувнувањето на Руско-украинската војна се во сигурни раце во земјата, изјави првата дама на Туркије, Емине Ердоган.
„Видов дека тие се многу среќни овде. Тие се во сигурни раце и среќни со претставниците од Министерството и нивните старатели од Украина кои ги придружуваат“, изјави Ердоган за Агенција Анадолија (АА) по средбата со група деца во главниот град Анкара.
По избувнувањето на војната во февруари, благодарение на напорите на првата дама на Туркије и првата дама на Украина, Олена Зеленска, стотици деца заедно со нивните старатели беа донесени во Туркије. Низ целата земја, турското Министерство за семејство и социјални услуги им обезбеди засолниште и психијатриска и социјална поддршка со цел да им помогне во надминувањето на траумата од раселувањето.

„Се разбира, срцето сака оваа војна да не се ни случеше, никој да не останеше без мајка, татко или да е раселен. Мојата надеж е дека војната ќе заврши што поскоро, дека раните ќе се залекуваат и дека секој ќе може безбедно да се врати во својот дом“, истакна првата дама.
Ердоган, исто така, испрати порака до Зеленска: „Воопшто нека не се грижи, ние го чуваме она што ни го довери. Сè е во ред и под контрола.“
Таа, исто така, рече дека е важно земјите да вложат напори да ја прекинат војната и да обезбедат мир.

„Евакуацијата на децата кои се во тешка состојба во Украина може да продолжи“, додаде Ердоган, нагласувајќи дека Туркије е секогаш подготвена да помогне.
За време на средбата, Ердоган на децата им подари играчки.

Туркије е пофалена во меѓународни рамки за нејзината уникатна способност да дејствува како посредник меѓу Украина и Русија, а довербата на двете земји во Туркије овозможува напредок во прашањата како што се испораките на жито.
Руско-украинската војна, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, при што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите земји, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Според Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации, во војната во Украина досега животот го изгубиле околу 6.700 цивили, а над 10.000 се повредени.