По желба на нивниот син со аутизам, семејство од Турција чува јагне во домот како бебе
- „Али претходно не можеше да зборува и не умееше да го искаже тоа што го сака. Со љубовта кон животните, јас повторно го ‘добив’ мојот син...“
ТОКАТ (АА) – ЕКБЕР ТУРКОГЛУ / ЕРОЛ ЈИЛДИЗ
Семејството Шулен од округот Ерба, во турската област Токат, со голема грижа и љубов чува јагне во својот дом, по желба на нивниот син со аутизам, јавува Анадолу.
Семејството, кое има две деца, го купило јагнето по барање на својот 22-годишен син Али Ерен, кој има аутизам, и му го дале името Узум.
Јагнето во домот го чуваат како бебе, го хранат со шише.
Мајката, Рејхан Шулен, за АА изјави дека јагнето го зеле кога било старо една недела, а сега има два месеца.
Таа раскажа дека по совет на лекар, пред 15 години веќе чувале две јагниња, кои ги нарекле Финдик и Фистик.
„Јагнињата ги чувавме речиси една година, а потоа ги вративме во нашиот град. Целта ни беше да му помогнеме на Али, кој има аутизам. Во тој период, Али имаше губење на сетилата – не чувствуваше топло или ладно и не воспоставуваше контакт со очите. По совет на лекар, донесовме јагне дома за да му го привлечеме вниманието“, објасни Шулен.
Таа додаде дека хранењето на јагнето и грижата за него придонеле за значителен напредок кај нејзиниот син.
„Кога му давав млеко на јагнето, Али го следеше насекаде. Му ставав млеко на раката, а јагнето одеше по мирисот и му ја лижеше раката. Тоа му помогна да воспостави контакт со очите и позитивно влијаеше врз него“, рече таа.
Шулен истакна дека благодарение на љубовта кон животните, кај нејзиниот син биле забележани значајни позитивни промени, а по 15 години тој повторно побарал да има јагне.
„Во периодите кога бевме со јагнињата дома, неговата комуникација значително се подобруваше. Али претходно не можеше да зборува и не умееше да го искаже тоа што го сака. Со љубовта кон животните, јас повторно го ‘добив’ мојот син. Сега, фала му на Бога, може да каже што сака – каква храна сака, каде сака да оди, што сака да прави. Дали аутизмот заврши? Не, но тој е поинаков, посебен, специјално дете“, нагласи таа.
Рејхан Шулен додаде дека и јагнето го сака како свое дете.
„Стана дел од мене. Многу е слатко и многу мило“, рече таа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
