БУРСА (AA) – Џем Шан
Бурса, главниот град од османлискиот период, за време на зимскиот распуст ги очекува посетителите во ски-центарот „Улудаг“, најзначајниот зимски туристички центар во Турција, и во топлите бањи кои влечат траги од пред 700 години.
Десетиците илјади гости кои доаѓаат во Улудаг, еден од најзначајните зимски туристички центри за скијање во Турција, во Бурса ги користат и бањите за кои се верува дека помагаат за разни видови заболувања.
Обично, туристите кои преку ден го посетуваат ски-центарот „Улудаг“, во вечерните часови слегуваат во градот и се одмораат во спа-центрите во центарот на градот или пак во различни локали, вкусувајќи ги уникатните јадења на Бурса.

- Во Улудаг скијање, појадок во Џумаликизик
Улудаг, со капацитет од околу 7.000 легла и со 20 скијачки патеки во должина од 300 до 1.980 метри, е еден од најважните зимски туристички центри во Турција.
Туристите кои го посетуваат Улудаг за време на Новогодишните празници и зимскиот распуст, покрај скијањето, уживаат во сноубордот и возењето со моторни санки.
Улудаг се наоѓа на оддалеченост од околу 40 километри од центарот на градот, а како алтернативен превоз има и жичарница во должина од 9 километри. Туристите што со жичарницата ќе се одлучат да патуваат до врвот на Улудаг, ќе имаат можност да ги видат прекрасните снежни пејзажи.
Покрај тоа, посетителите на Бурса, покрај посетата на местото Џумаликизик, кое е носител на 700-годишна османлиска недопрена цивилизациска архитектура и се наоѓа на Листата на светско наследство, на Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), имаат можност да го посетат и местото Голјази кое се нарекува и „Мала Венеција“. Туристите во местата Миси и Џумаликизик, за појадок можат да ги пробаат природните и локалните специјалитети, и притоа лебот да го печат во шпорет на дрва.

- Шопинг во Затворената чаршија
Првиот пазар на Османлиите, Затворената чаршија во Бурса, која се наоѓа во областа на ановите и е подкомпонента на Листата на УНЕСКО за светско наследство, со својата седумвековна историја е најраздвижен бизнис-центар во градот.
Бурса го привлекува вниманието на туристите со својот потенцијал за религиозен туризам, како што се џамијата „Улу“, изградена во 1399 година, како и со другите историски џамии и турбињата на светците Емир Султан, Уфтаде, Мола Фенари.
Туристите кои доаѓаат во Бурса, од аспект на историјата и културата, можат да го посетат историското место Тирилје, познато по маслинките, и местото Изник, кое било домаќин на многу цивилизации низ историјата. Туристите, исто така можат да пробаат од специјалитетите на областа како што се ќебапот „Искендер“, пастрмајлија, пастрмајлија од таан-алва, млечна алва, Инеголски ќофтиња, благото „Ќемал-паша“, соленото јадење „Џантик“ (состојките месо, кромид и домати се ставаат врз тесто, се печат во рерна, а готовото јадење се служи со путер), а како подарок можат да купат од свилата, крпите, чиниите од Изник, маслинки и маслиново масло, благо од костени и џем од малина.
Според историските извори, третманите во термичките бањи во Бурса датираат од пред османлискиот период, од времето на римјаните. Војниците што војувале долго време и ранетите се одморале во термалните води на Бурса, а овие води биле користени и за рехабилитиација на војниците. Термичките води во областа Чекирге познати се како „Бањи на кралицата Теодора“.


- „Во Бурса има различни видови туризам“
Мурат Сарачоглу, претседател на Асоцијација на туристички агенции на Турција, од Одделот за Јужна Мармара (Мраморно Море), истакна дека во Бурса доаѓаат туристи од различни географски региони и дека Бурса е еден од ретките региони кои во исто време нудат ски-туризам и спа-туризам.
Тој посочи дека за време на зимскиот период има голем интерес за Улудаг и за термалните води.
„Улудаг стана бренд во Турција и во светот како центар за зимски туризам. Мислам дека ќе имаме добра сезона. Бурса е познат град по своите бањи и лековити води. Голем број домашни и странски туристи ги посетуваат термалните води на Бурса. Во зимската сезона има голем интерес за бањите „Ојлат“, како и за бањите и хотелите кои се наоѓаат во центарот на градот. Туристите кои ги посетуваат бањите, за еден час можат да се најдат себеси како скијаат на Улудаг“, рече Сарачоглу.
- „Улудаг е прекрасен“
Ѓоркем Калафат, кој од Коџаели на одмор дошол во Улудаг, вели дека Улудаг многу му се допаднал и дека им го препорачува на сите.
Нагласувајќи дека Улудаг е место каде што може да се патува со семејство и со пријатели, Калафат истакна: „Времето поминато тука е многу убаво. Се забавуваме и уживаме на снегот. Му препорачувам на секого. Луѓето во секој случај би требало да го посетат местото. Времето е студено, но луѓето се топли. Како да се познаваат едни со други од порано. Уживав во сноубордот и санкањето. Скијањето е исто така многу пријатно. Многу е добро кога на снег јадете леб со суџук. Местово е навистина многу убаво.“
И Ибрахим Џалп изјави дека Улудаг е многу убаво место.
- „Дење скијање во Улудаг, навечер влегување во бања“
Рамазан Акин раскажа дека во Бурса дошол од Германија на петдневен одмор, и дека пред да се врати назад, сака да ги посети бањите.
Тој рече дека му се допаднале термалните води, и дека секогаш кога доаѓа на одмор, покрај Бурса ги посетува и другите градови.
„Без да ја посетам Бурса, не се враќам назад. Бурса е еден од најубавите градови во нашата земја (Турција). Главен град на Османлиите. Кога доаѓам во Бурса, одам на скијање. Исто така, доаѓам во центарот на градот и се стоплувам во термалните води. Кога доаѓам во Турција, секогаш одвојувам 3-4 дена за посета на Бурса. Се качив на Улудаг, го почувствував снегот, дојдов во термалните води, ја почувствував топлината. И ладно и топло, беше многу убаво. Ова е една од убавините на Турција. Сите годишни времиња може да ги живеете истовремено. Може да се одморите на најдобар начин и да се вратите назад. Им препорачувам на сите. Странците се фасцинирани од вакви работи“, дададе Акин.


И според Музафер Ердем, Бурса е позната по своите термални води. Тој истакна дека во зимскиот период, заедно со семејството за скијање доаѓа во Улудаг.
„Се качуваме на Улудаг. Улудаг има свој шарм, а бањите свој. Во планината може да се забавувате на снегот, со скијањето, додека бањите се средина за релаксација. Во споредба со другите градови, Бурса е многу богата. Преку ден може да се скијате во Улудаг, а навечер да влегувате во бањите. Да преспиете во хотели, а идниот ден да патувате за Истанбул. Поради автопатот, Бурса стана како соседно маало на Истанбул. Им препорачувам на сите што имаат време и можност да ја посетат“, нагласи Ердем.