Yusuf Şahbaz
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
ИЗМИР (АА) - Првиот брод со речиси 4.000 тони храна тргна од Турција кон Катар, за да се ублажат последиците од ембаргото што на почетокот од месецот го воведоа Саудиска Арабија и уште неколку заливски соседи кон таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Утринава, од пристаништето во Измир, кон Катар исплови брод со суви прехранбени артикли, овошје и зеленчук, а впловувањето во пристаништето Хамат во Доха се очекува за десет дена.
Челникот на транспортната фирма што ја пренесува храната на турските произведувачи во Катар, Ипек Демирџи, за АА изјави дека некои заливски земји ги блокирале копнените граници и оти испораката на робата на Катар по копнен пат е невозможна, а дополнителен проблем е и тоа што воедно е затворен и воздушниот простор преку заливските земји.
Демирџи истакна дека турската фирма претходно робата за Катар ја пренесувала по воздушен пат, но поради кризата се зголемила побарувачката и невозможно е да се задоволат потребите преку воздушните рути што останале отворени.
„Поради тоа, одлучивме да започнеме прекуморска испорака на робата. Тоа не треба да се смета само како помош за Катар во снабдувањето на неговиот пазар, туку и како добра можност за турските извозници, бидејќи одеднаш на полиците во катарските продавници ќе можат да се најдат многу турски производи“, изјави Демирџи.
Истакнувајќи дека турските власти многу помогнале во отворањето на поморскиот транспорт на робата кон Катар, Демирџи соопшти дека вториот брод ќе тргне за неколку дена, а таа линија ќе биде продолжена доколку се покаже како добро решение за двете страни.
„Нашите купувачи во Катар со нетрпение чекаат да вплови испратената роба во Доха“, заклучи Демирџи.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет, Бахерин и Јемен, на 5. јуни соопштија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Катар, земја којашто ја обвинуваат за дестабилизација на регионот, го затворија воздушниот простор за Катар и издадоа наредба дипломатите на Катар да ги напуштат тие земји во рок од 48 часа. Властите на Јордан исто така, се придружија на овие мерки на Саудиска Арабија и на другите земји, и најавија деградација на дипломатските односи со Катар.
Катар тврди дека обвиненијата се неосновани и се залага за мирно решавање на кризата.