Salih Baran
02 Мај 2019•Ажурирај: 05 Мај 2019
ЕДРEНЕ (АА) – На грчката граница пронајдени се двајца нерегуларни пакистански мигранти, полуголи и претепани. Емигрантите тврдат дека грчките гранични безбедносни сили ги претепале, им ги зеле парите и облеката, и насилно ги вратиле во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Суфјан Мухамет (26) и Али Бали (18), од страна на турската жандармерија во Едрене биле пронајдени полусвесни, претепани и полуголи, и биле префрлени во болница. На местото каде што биле пронајдени извршена е итна интервенција на длабоките рани на исцрпените Пакистанци.
Суфјан Мухамет во својата изјава тврдеше дека бил фатен од грчката полиција во областа Диметока во Грција, бил претепан, му ги зеле парите и облеката, и насилно го вратиле во Турција.
„Многу нѐ измачија Грците. Нѐ тепаа колку што им сакаше душата. Насилно нѐ фрлија во Турција. Бевме полуголи бидејќи ни ја зедоа облеката. Тука војската [турска] многу добро се однесуваше со нас, ни даде храна, нѐ префрли во болница. Бог да ја благослови“, истакна Суфјан.
И нерегуларниот мигрант Али Бали, исто така, тврдејќи дека биле тепани на грчката страна, рече дека откако биле претепани од грчките сили за безбедност, преку реката Марица биле насилно префрлени во Турција.
Исто така, се тврди дека таканаречената практика „push back“ (враќање назад) честопати се применува од страна на Грција.
Безбедносни извори истакнуваат дека нерегуларните мигранти кои се фатени од страна на граничните сили на Грција, спротивно на Женевската конвенција, Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата на ОН против тортура, преку реката Марица се враќаат назад во Турција.