Zeynep Canlı
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
АНКАРА (АА) - На состанокот на министрите за транспорт на земјите кои се дел од Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше усвоена Нацрт-заедничката декларација, јавува Агенција Анадолија (АА)
Турција, која е претседавач со ПСЈИЕ во периодот 2020-2021 година, организира состанок по пат на видеоконференција со учество на членовите на ПСЈИЕ, а домаќин на средбата беше Адил Караисмаилоглу, министерот за транспорт и инфраструктура на Турција.
На крајот од состанокот беше усвоена Нацрт-заедничката декларација, подготвена од Министерството за транспорт и инфраструктура.
- „Транспортот не застанува на границите“ -
На состанокот свое обраќање имаше министерот за транспорт и врски на Северна Македонија, Благој Бочварски, кој даде информации за активностите поврзани со давањето поддршка на транспортната инфраструктура.
Зборувајќи дека Северна Македонија се обидува да го интегрира својот пазар на транспорт во Европската Унија (ЕУ), Бочварски рече: „Транспортот не застанува на границите. Треба да обезбедиме многу подобра транспортна мрежа. Слободниот премин на стоки на граничните премини може да ги олесни работите. Концептот на зелената линија се појави како добар одговор во регионот на Западен Балкан. Можеме да забележиме дека ова е многу поефикасно при итните случаи во областа на здравството.“
- „Мора да работиме повеќе за да ги зајакнеме мобилноста и поврзаноста“ -
Заменик-министерот за инфраструктура на Словенија, Блаж Косорок, рече дека тие му придаваат големо значење на мандатното претседавање на Турција со ПСЈИЕ.
Наведувајќи дека транспортот претставува столб на светската економија, Косорок рече: „Минуваме низ тешки времиња и наидуваме на одредени ограничувања. Работата и услугите во оваа област се од витално значење. Работејќи повеќе за зајакнување на мобилноста и поврзаноста, заедно можеме да придонесеме за развој на Балканот.“
- „Нашите напори ги фокусираме кон зајакнување на инфраструктурата и транспортниот систем“ -
Велик Занчев, заменик-министерот за транспорт, информатички технологии и комуникации на Бугарија, ја истакна важноста на соработката, особено истакнувајќи го значењето на соработката што ќе се спроведе во време на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19).
Наведувајќи дека предмет на разгледување е развојот на меѓународната регионална инфраструктурна мрежа, Занчев рече:
„Нашите напори ги фокусираме кон развој на секторот и зајакнување на инфраструктурата и транспортниот систем. Потребна е ефикасна соработка во воспоставување на транспортната мрежа и организирање на финансиските ресурси. Исто така, важно е и регионалното споделување информации. Обезбедувањето ефикасни инвестиции ќе обезбеди надминување на постојните проблеми. Транспортниот сектор е еден од секторите што се најпогодени од пандемијата. Ќе биде покорисно доколку инфраструктурните работи се прават со соработка. Со интензивирање на заедничката соработка треба да дадеме придонес инвестициите да станат поефикасни.“
- „Турција ги собра соседите на едно место“ -
Етјен Џафај, заменик-министерот за инфраструктура и енергетика на Албанија, истакнувајќи дека со утврдување на приоритети, можат да се одредат чекорите што треба да се преземат од аспект на поврзаноста во транспортот, продолжи со зборовите: „Најважната работа што ја направи Турција е што донесувајќи ги сите соседи на едно место, обезбеди многу добра заднина за нас. Ни обезбеди можност да одиме напред. Мора да ја зајакнеме нашата економија со заедничко користење на нови технологии.“
- „Ја поддржуваме Заедничката декларација“ -
Ален Госпочиќ, заменик-министерот за поморство, транспорт и инфраструктура на Хрватска, рече дека соработката меѓу страните е важна за пазарите.
Наведувајќи дека е потребна координирана работа за одржлив и зелен сектор, Госпочиќ рече:
„Размислуваме да инвестираме во железничкиот сектор во следните 10 години. Тоа е важно и за Европа. Во рамките на таа мрежа сакаме да создадеме железничка мрежа во должина од 1.500 километри. Сакаме да градиме и нови патишта. Зборуваме за траса од 2.700 километри. Потребно е да извршиме сериозни инвестиции во железничкиот коридор. Станува збор за користењето фондови на ЕУ со стапка од 85 %. Оваа иницијатива ќе биде силно поддржана во следните 10 години. Затоа ја поддржуваме оваа заедничка декларација.“
Дмитриј Кроитор, амбасадорот на Молдавија во Анкара, истакнувајќи дека Турција е извонредна за време на своето мандатно претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, продолжи со зборовите:
„Поврзувањето и е-дигитализацијата се важни за закрепнување на економијата и одржливиот развој. Со цел поддржување на поотпорни и еластични мрежи со информатички технологии и одржливост на транспортната поврзаност, дигитализацијата на транспортните услуги претставува јадро на нашата идна соработка на регионално ниво.“
На состанокот учествуваа и заменик-министрите на Грција, Србија и Црна Гора.