Riyaz Khaliq Khaliq
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Во турската метропола Истанбул денеска ќе започне дводневната Меѓународна конференција на која ќе се дебатира за кршењето на човековите права со кои се соочуваат муслиманите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќини се Министерството за правда и Министерството за надворешни работи на Турција, како и Независната постојана комисија за човекови права на Организацијата за исламска соработка.
Организаторите преку соопштение истакнаа дека дискусијата има за цел „да воспостави дијалог меѓу повеќе засегнати страни за објективно анализирање со цел спротивставување на растечките акти на исламофобија и дискриминација врз муслиманите во различни делови на светот, како и идентификување на практични начини и средства за заштита и унапредување на правата на муслиманските заедници и малцинства“.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, се очекува да се обрати на настанот преку видеоконференција.
За време на дискусиите, учесниците „ќе се обидат да ги следат корените и практиките на дискриминаторското однесување и политиките против муслиманските заедници за да го разберат контекстот во кој се развила исламофобијата и улогата што таа ја игра во поткопувањето на нивните човекови права“.
На конференцијата ќе учествуваат меѓународни експерти, владини претставници, институции за човекови права, претставници од граѓанското општество, од невладини организации и од академската заедница.
„Од учесниците се очекува да имаат отворена и длабинска дискусија за постоечките практики, политики и однесувања кои доведоа до зголемена дискриминација против исламот и муслиманите“, се вели во соопштението.