Yıldız Nevin Gündoğmuş,Mümin Altaş
15 Февруари 2022•Ажурирај: 16 Февруари 2022
ДУБАИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на вториот ден од официјалната посета на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се обрати на присутните на саемот „Дубаи ЕКСПО 2020“, јавува Агенција Анадолија (АА).
На почетокот на обраќањето нагласи дека „Дубаи ЕКСПО“, првиот светски саем чиј домаќин е една арапска држава, на некој начин е покана „сите заедно да градиме нова иднина“.
Тој им честита на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) што и покрај пандемијата, многу успешно го организирале овој, како што кажа, голем светски настан.
„Едно од достигнувањата кои го покажуваат развојот на ОАЕ е несомнено и „Дубаи ЕКСПО“. „Дубаи ЕКСПО“ го сметам за важен во смисла на обединување умови и градење иднина. Треба да размислуваме за посветла иднина и да работиме заедно да го постигнеме тоа. Мора да делуваме и да се обединиме околу заедничките интереси“, кажа Ердоган.
Тој истакна дека бројните катастрофи и најновите предизвици со кои светот се соочува, посебно во областа на животната средина и здравјето, јасно покажале дека е потребно да се изнајде решение со заеднички напори.
„Постигнувањето на одржливоста во сите области, од земјоделството до енергетиката, од животната средина до економијата, се наметнува како примарна цел. Настојуваме во таа смисла на јавноста да ѝ ги претставиме нашите политики за заштита на животната средина и развојна политика“, рече Ердоган, додавајќи дека Турција е меѓу ретките држави во светот кои значајно ги зголемуваат шумските површини.
„Турција денеска се наоѓа на 5. место во Европа и е 12-та во светот по силата на обновливите извори на енергија. Со ратификување на Парискиот климатски договор поставивме концепт на „Зелен развој“ како прва цел на нашата визија за 2053 година. Исто така, првиот турски електричен автомобил ТОГГ е уште еден показател на важноста што ѝ ја придаваме на животната средина. Сепак, ние не тежнееме само кон прогрес или збогатување, туку кон процес на развој кој ги почитува и уважува луѓето, природата и животната средина“, рече Ердоган.
Најпознатиот светски саем на претприемништво „ЕКСПО 2020“ отворен е на 1 октомври 2021 година во Дубаи, а ќе трае до 31 март 2022 година.
Саемот „ЕКСПО 2020“ е настан на кој учествуваат бизнисмени од бројни земји развивајќи ја така економијата на своите држави. На овогодинешниот саем учествуваат околу 190 држави.